
Драмски театар Скопје вечер во 20 часот со изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена ја отвора сезоната. Со оваа претстава Драмски театар веќе на 11 септември ќе учествува на 33. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што годинава се одржува од 8 до 13 септември во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.
„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претстава работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.
Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.
Режисерка Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството.
-На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, која се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник, потенцира режисерката Милошевски Попова.
Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стајнберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.
По одличниот прием на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена, ова е втор настап надвор од земјата по учеството на фестивалот РУТА во Сараево, стои во соопштението од НУ Драмски театар Скопје.