Бела буква „Н“ во виолетов круг. Кога фармацевтот Фатих Кајнак ќе го види тој симбол на својот монитор, знае дека потребниот лек не е достапен.
„Ни недостигаат антибиотици, лекови против болки и лекови за намалување на крвниот притисок, како и лекови за пациенти со рак или против стомачни проблеми“, вели Кајнак. Во неговата аптека во Берлин моментно недостигаат 274 препарати.
„Особено ни е тешко да се грижиме за децата“, вели Кајнак, видно депресивен, пишува „Дојче веле“.
Бебињата и малите деца не може да голтаат таблети. Кога имаат треска или болка, им се даваат сирупи што содржат активна состојка „парацетамол“ или „ибупрофен“. Во Германија годишно се продаваат повеќе од десет милиони вакви сирупи, но моментно полиците во аптеката во која работи Кајнак главно се празни. Недостигаат и пеницилински и антибиотски сирупи.
Проблеми со снабдувањето имаше и летово, но повремено, вели овој фармацевт.
„Ќе бидат потребни можеби две недели, а потоа повторно ќе дојдат. Сега ситуацијата е навистина лоша“.
Болниците се полни
Очајните родители веќе со месеци пишуваат за тоа на социјалните мрежи и на форумите. Таму се разговара и за алтернативи, но сè почесто единствената опција е да се носи детето во болница бидејќи ладните облоги дома не ја намалуваат температурата.
Но, поради големиот број случаи на респираторен синцицијален вирус (РСВ), детските одделенија сега се толку преоптоварени што дури и малите пациенти кои се во опасност за животот мора да чекаат со часови за да бидат примени. Бидејќи клиниките се полни, децата се праќаат дома.
И болниците мака мачат со набавката на лекови. Многу болнички аптеки повторно почнаа да прават сопствени сирупи за намалување на температурата.
Ова го прават и многу други аптеки. Но, ако се земат предвид трошоците за суровини, персонал и работна сила, шишето ќе чини дваесет евра.
Се работи за пари
Токму цената ја предизвика ваквата состојба на германскиот пазар. Производството на одредени препарати во Германија и Европа едноставно не е исплатливо за фармацевтската индустрија, пишува „Дојче веле“.
На пример, здравственото осигурување на компаниите им плаќа 1,36 евро за шише сируп „парацетамол“. Оваа количина не е зголемена веќе десет години, а во меѓувреме само годинава за 70 отсто поскапела активната состојка „парацетамол“.
„Експлозијата на цените и производството на лековите, заедно со замрзнатите продажни цени, доведе до тоа лековите, како што се сирупите, да се произведуваат со загуба. Ниту една компанија не може да го издржи тоа на долг рок“, се жали Андреас Буркхард, извршен директор на фармацевтската компанија „Тева“.
Таа компанија е последниот голем производител на сируп „парацетамол“ во Германија. Пред 12 години ги имаше единаесет. Откако уште еден од нив го прекина производството во мај годинава, „Тева“ треба да покрие 90 отсто од побарувачката. Тоа не е изводливо, посочуваат од компанијата. Затоа, во текот на летото ги откажаа сите нарачки од германските аптеки за вообичаеното зимско складирање.
Како резултат на тоа, „забележано е значително зголемување на набавките од аптеките“, анализира Федералниот институт за лекови и медицински помагала. Сè што беше достапно беше купено.
„Има премалку доставувачи“, вели Томас Фишбах, претседател на Здружението на педијатрите.
„Фиксните цени предизвикаа производството да се пресели во земји со ниски плати, како што се Индија и Кина, а таму има проблеми со синџирот на снабдување, што води до проблем во дистрибуцијата.
Производството би требало да се врати од Азија
Случајот со лекот за рак на дојката, „тамоксифен“, на почетокот на годинава веќе покажа како изгледа кога не се достапни важни лекови за кои нема замена. И во тој случај се создаде тесно грло во понудата бидејќи компаниите се повлекоа од производството наведувајќи ги високите трошоци како причина.
Сојузниот институт за лекови и медицински помагала во февруари реагира и донесе уредба со која се овозможува увоз на лекови што содржат „тамоксифен“ од странство, дури и кога тие не се одобрени во Германија. Сепак, ова не ги реши проблемите. „Тамоксифен“ сè уште е еден од најмалку достапните лекови.
Лекарите, но и опозициските политичари, бараат итни мерки од сојузната влада. Многумина бараат средба на врвот меѓу федералните и провинциските влади за централизирана набавка на лекови.
Министрите за здравство да се координираат со производителите и трговците на големо, но и да бараат лекови во соседните земји. Сојузниот министер за здравство, Карл Лаутербах, вети брз одговор на предлогот.
Експертите се залагаат за државно производство на есенцијални лекови во Германија. Време е, велат, производството да се врати од Азија. Фармацевтската индустрија, пак, бара зголемување на давачките за лековите. Велат дека треба да се укинат договорите според кои здравствените осигуреници плаќаат само фиксни суми – барем додека повеќе компании не го рестартираат производството.
Одлука за ова, барем според она што може да се слушне од Сојузното Министерство за здравство, сè уште не е на повидок, пишува „Дојче веле“.