
Во СВР Скопје вчеравечер околу 20:00 часот било пријавено дека неколку часа претходно маж се обидел да прегази работници на градилиште во скопската населба Кисела Вода.
Според пријавата од 56-годишниот Н.К. од Скопје, инцидентот се случил околу 14:15 часот, кога И.Д. од Скопје најпрво им се заканувал на двајца вработени кои работеле на објект во изградба. По вербалните закани, тој го стартувал патничкото возило „форд“ и се обидел да ги удри работниците, но не успеал во намерата.
Потоа, со возилото удрил во автомобил „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, кој бил паркиран пред објектот. Од силината на ударот, „сеатот“ се придвижил и удрил во друго паркирано возило „фолксваген поло“, информираат од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.


