Државниот пазарен инспекторат викендов изврши над 250 надзори и контроли на територијата на цела Македонија.
Она што е утврдено од надзорите и контролите е дека поголем број од трговците ги почитуваат одлуките на Владата. Лебот се продава од 28 до 33 денари во зависност од тежината и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално, ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со одлуката на Владата во количина од најмалку 80 % од производството на овој леб во декември 2022 година.
Онаму каде што се констатирани прекршувања, издадени се вкупно 6 прекршочни платни налози, и тоа во висина од над 960.000 денари.
Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори по одлуките на Владата. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној што се обидел на каков било начин да изврши прекршување на овие одлуки.
Апелираме трговците да ги адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со одлуките бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни, кои се многу високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговијата.