
Сали Бериша, лидерот на опозициската Демократската партија, изјави дека партиските органи одлучиле да ја прекинат соработката со владејачките социјалисти во подготовката на новиот изборен закон и територијалната реформа.
– Подобрувања во изборниот закон или територијалната реформа се неопходни, но, со чинот што го презеде Еди Рама, за да го избере Ендртит Шабани за Народен правобранител, откако опозицијата ги повлече потписите за негова поддршка, тој покажа дека секоја форма на соработка со него е едноставно фиктивна, едноставно фасада. Раководството на Демократската партија донесе одлука да прекине секаков вид соработка со криминалното мнозинство или псевдомнозинството. Еди Рама го потпиша крајот на оваа соработка, рече Бериша.
На денешната средба на лидерот на Социјалистичката партија со пратеничката група, одлучено е „сами да продолжат да работат на овие две значајни реформи и нема да ги одложуваат за ниту за момент“.
Албанскиот парламент со 85 гласа „за“ и три „против“ го избра Шабани за народен правобранител на Албанија. Изборот помина со поддршка на социјалистичкото мнозинство, додека пратениците на Демократската партија ја напуштија седницата за време на гласањето, откако претходно се предомислија и ги повлекоа потписите за поддршка на Шабани.
На пленарната седница на законодавниот дом в четврток, Шабани треба да ја положи свечената заклетва, со што почнува неговиот петгодишен мандат.

