
Пишува проф д-р Иван Анастасовски
Многубројните инциденти кои се физички но поголем дел од нив се вербални или навредливи и понижувачки а се случуваа на спортските натпревари низ целата територија на нашата држава, а особено кога говориме за меѓународните натпревари, силно ја наметнаа потребата оваа горливо пост-конфликтно прашање поврзано со девијатното однесување во спортот да се уреди со посебен “Lex specialis” Закон за спречување на насилство и недостојното однесување на спортските натпревари предложен од моја страна а изгласан во Собранието на Македонија во 2004 година од сите политички партии и при тоа до сега има 5 измени и дополнување на овој Закон.
Идејата моја за носење на овој Закон во далечната 2004 година се базираше на нецивилизациското однесување на дел од навивачите на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Англија од 06.09.2003 година кога беше запалено знамето на Англија на тогашниот градски стадион во Скопје и ме принидија да поднесам посебен Закон за спречување на насилство и недостојното однесување на спортските натпревари кој имаше за цел да ја осигура безбедноста на гледачите, натпреварувачите и другите учесници во спортските натпревари и ќе се обезбеди правна основа за санкционирање девијантното однесување на гледачите пред, за време и по одржувањето на спортските натпревари. Исто така со Законот ќе се обезбеди и заштита на гледачите кои се однесуваат пристојно, како и заштита на другите граѓани и субјекти и нивниот имот, но имаше и хуман карактер за изнаоѓање на начин кој ќе овозможи граѓаните помасовно да присуствуваат на спортските натпревари, а особено младата популација, со што ќе се подигне спортската култура и ќе ја подигнат толерантноста во нашето пос-конфликтно општетство.
Мора да се напомене дека спортската публика е многу значаен фактор за поттикнување на развојот на спортот, како и фактор за популаризација на спортските активности и унапредување на нивните резултати. Нејзиното учество и улогата во животот на спортот и спортистите е едно од многу битните мерила за нивото на културниот развој на личноста, семејството, државата и нацијата. Многубројните врвни спортски достигања даваат можност за уживање, при што, од еден општ цивилизациски и културен амбиент се формира и феноменот спортска публика, појава чиј социјален статус и социјална содржина се предмет на научен интерес и внимание на општествената наука.
Со заживување на демократските процеси, посебно промените што настанаа во делот на општествените и економските текови, на површина излегоа сите несогласувања помеѓу заедниците во нашата држава промовирајќи етничка, верска и политичка нетолеранција и нетрпение кое пред се се рефлектираша на спортските настани при тоа нанесувајќи му на нашиот спорт но и нашето општество негативни последици.
Морам јасно да нагласам дека едно е да исмејувате, а сосема друго е да навредувате друг, од една страна, исмејувањето понекогаш на спортските терени делува прифатливо за публиката како што се локалните нетрпеливости, но од друга, навредувањето на една нација, еден етникум, една група или поединец е чин на омраза искажана преку вербална експресија. Говорот на омраза за жал во поново време е негативен феномен особено кај младата популација а е изразена токму на спортските натпревари. Лично не знам оти има потреба да се скандира пароли како што се: “за каури само карпалак“ или пак “смрт за шиптари“ (за што имаше и посебни фејзбук страни) или пак паролите од типот за големи држави, мали нации и слично им даваат ветер во грб на спортистите да го постигнат посакуваниот спортски резултат? па нели под поимот навивање се подразбира бодрење или поддржување на сопствениот спортски тим или националната репрезентација, па затоа спортската публика е тука кога највеќе им требаат на спортистите, да ги подигнат во игра, да ги охрабрат за да победат во игра. Со паролите кои се националистички, шовинистички, и навредливи само се проблематизира и политизира спортскиот настан и спортската публика. Затоа политичките партии нека се борат во политичката арена, а спортистите и спортската публика во спортската арена со спортски жаргон за подигање на адреналинот на секој еден поединец.
И конечно, спортскта публика претставува не само позитивен фактор на стимулација и популаризација на спортот, таа може да предизвика, во многу случаи, и негативни конотации како што се случаите во последно време кај нас. Во некои случаи спортската публика претставува поле на изразување социјално патолошки појави и дава можност за разгорување насилни и навредливи пароли и нагони.
Во сето ова, важно е дека оваа категорија и теоретски и практично во една рефлексна и противречна смисла се набљудува и анализира како движечка, жива и развојна потреба, категорија со многу слоеви и во најтесна поврзаност со разни клучни места на сложената општествена структура. Развиеноста и изграденоста на спортската публика едно е од мерилата за нивото на цивилизацискиот дофат на општествените и културните формации.
Затоа да бидам јасен и прецизен нашата држава има донесено посебен Закон кој за жал не е ставен како треба во функција и се заобиколува, па затоа ако сакаме да биде сериозна држава треба да покажеме подготвеност и доследност во имплементација на нашево законодавство, не делејќи се при тоа на наши и ваши, и не треба многу да се мудрува и политизира само треба да се спроведува законот и ако има некои недоследности да се менува и усовршува едноставно е така функционира сериозна држава.