
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас“.

Оваа порака на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. проследена со фотографија со срдечен поздрав ја разбранува партиско-политичката сцена во Македонија.
„До вчера“ професорот и архитект Мишко Ралев беше најсериозен кандидат да биде номиниран за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ.
Но, откако тоа не се случи, Ралев не губеше време па набрзина прејде во спротивниот табор.
Ралев кој беше во трка за кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ во партијата имаше и висока функција.
Имено, тој на почетокот на 2022 година, со доаѓањето на Димитар Ковачевски на чело на СДСМ, стана член на Извршниот одбор на партијата и беше високопочитуван од страна на членството, особено во скопските општини.
Ралев, своевремено беше и мета на напад од тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која го обвинуваше за судир на интереси поради партиската функција и функцијата декан на еден од факултетите на Американ колеџ.
На функцијата член на ИО Ралев остана се до оставката на Ковачевски, а откако во партијата дојде ново раководство тој беше најсериозен избор за кандидат за градоначалник на Град Скопје.
Тоа особено беше видливо во месеците зад нас, а и самиот Ралев во изјава за една национална телевизија ја демантираше ВМРО-ДПМНЕ дека наводно се повлекол.
“Не се точни тие тврдења, јас не сум се повлекол, ако ја добијам довербата на СДСМ јас ќе се тркам за градоначалничката позиција на Скопје, изјави тој пред само две недели.
Што се сменило во меѓувреме, дали Ралев од инает се приклучи во тимот на Ѓорѓиевски, знае само тој самиот, но факт е од оваа гледна точка, СДСМ не погрешила што не му ја дала довербата тој да биде кандидат за градоначалник на Скопје.