
Американскиот претседател Доналд Трамп не го одобрил предлогот за 45-дневно примирје во конфликтот со Иран, потврди висок функционер од Белата куќа, пренесува NBC News.
Според истиот извор, идејата за привремен прекин на огнот е една од неколкуте опции што се разгледуваат, но засега не добила поддршка од американскиот претседател. Воедно, беше нагласено дека информациите за можен договор треба да се толкуваат со претпазливост.
Во меѓувреме, во јавноста се појавија повеќе извештаи за потенцијално примирје. Според Ројтерс, на САД и Иран им бил презентиран план во две фази – најпрво итен прекин на огнот, по што би следувале преговори за конечен договор.
Во овој процес, значајна улога има Пакистан, а предложената рамка предвидува временски период од 15 до 20 дена за постигнување поширок договор меѓу двете страни.
Паралелно, дел од медиумите објавија и за посебен предлог за 45-дневно примирје, кој наводно произлегува од засилени дипломатски контакти меѓу Вашингтон и Техеран.
Сепак, дипломатските напори се одвиваат во услови на зголемен притисок. Трамп упати јасен сигнал до Иран со барање повторно да се отвори Ормутскиот теснец, предупредувајќи на можни напади врз клучна инфраструктура, вклучително и електрани и мостови, доколку тоа не се случи.
Се очекува Трамп подоцна во текот на денот да се обрати до јавноста од Белата куќа, каде ќе ги изложи следните чекори на САД во однос на конфликтот. Обраќањето е најавено за 19:00 часот по средноевропско време.

