Утрински Весник
Балкан

Додик по средбата со Путин: Русија ќе го презентира извештајот за БиХ пред Советот за безбедност

20251003113956 big 730x400 71.webp.webp

Република Српска подготвува извештај за Советот за безбедност на ООН, кој ќе биде презентиран од Русија, соопшти на „Икс“ Милорад Додик, разрешениот претседател на Република Српска, кој синоќа се сретна со рускиот претседател Владимир Путин на Меѓународниот дебатен клуб „Валдај“ во Сочи.

Додик наведе дека Русија моментално претседава со Советот за безбедност, а на дневен ред е Босна и Херцеговина. Седницата е закажана за 31 октомври, јави Радио Слободна Европа.


„Задоволен сум што разговарав за стабилните стратешки односи со Путин, кој е добро запознаен со сложената состојба во Република Српска“, напиша Додик.

Според Дејтонскиот мировен договор, БиХ е поделена на два ентитета – Република Српска и Федерацијата БиХ. Иако имаат свои институции, тие се поврзани преку заеднички државни органи и со улогата на високиот претставник на меѓународната заедница.

Не е јасно во кое својство Додик се сретнал со Путин, со оглед дека во август му беше одземен претседателскиот мандат откако беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за јавни функции. Затворската казна ја откупи согласно законот.

Додик додаде дека и неговата пресуда била тема на разговорот со Путин. Парламентот на Република Српска за 25 октомври закажа референдум за тоа дали судската одлука за неговото разрешување треба да се почитува. За 23 ноември се закажани избори за нов претседател.

Состанокот во Сочи е деветта средба меѓу Додик и Путин од почетокот на руската агресија врз Украина. 

Можете да прочитате

Бугарија: Заглавениот танкер „Каирос“ кај Ахтопол стабилен, нема податоци за загадување на морските води

Драма во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)

Во Белград протест пред Уставниот суд