Метео анализа на Славчо Попоски:
Под влијание на влажен воздушен бран од северозапад, во следните часови во северозападните и во западните предели од Македонија ќе започнат врнежи, кои најпрвин ќе бидат од дожд на пониските места, и од снег на повисоките места и на планините. Во текот на денов ќе дува повремено засилен ветер од јужен и од југозападен правец.
Во текот на ноќта, кон утрешниот ден (сабота) и утре (сабота) во раните утрински часови, врнежи ќе има на повеќе места, особено во западните и во северозападните предели 0д Македонија, каде врнежите ќе бидат обилни и локално ќе наврне над 25 литри воден талог на метар квадратен.
Поради спуштање на многу поладен воздух од Арктикот кон Македонија, врнежите полека ќе преминуваат во снег и во делови од градовите во западните и во северозападните предели од Македонија, а сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец, особено изразен Долж Повардарието.
Овој бран позначително ќе ја зголеми постојаната снежна покривка на планините и на Скијачките центри, а помала снежна покривка ќе се формира и во повисоките населени места во западните и во северозападните предели од Македонија.
Во Скопскиот регион со овој бран ќе има повремени врнежи од дожд, додека на околните планини, а потоа и во повисоките делови од котлината ќе има повремени послаби врнежи од снег, проследени со повремено засилен ветер од северен правец.
Температурите позначително ќе опаднат, особено до утре наутро кога ќе се спуштаат во интервалот од -2 до 4 степени, додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 10 степени. Во Скопје до утре наутро температурата ќе се спушти до околу 2 степени, а максималната температура ќе се искачи до околу 6 степени.