Утрински Весник
Економија

До крајот на месецов треба да биде познато какви мерки би се донеле за зголемувањето на цените

Market1.webp.webp

До крајот на месецов треба да биде познат моделот како ќе се реагира на зголемувањето на цените на прехранбените производи. Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека сеуште се прават анализи и дека се размисува за неколку пристапи, не откривајќи повеќе детали.

– Се уште се анализираат параметрите, имаме во голема мера јасни индикатори каде е базичната инфлација која влијае на конечната инфлација. Очекувам дека до крајот на месецов ќе го конципираме моделот и доколку продолжи овој тренд и во месеците што следат, ќе имаме мерки. Размислуваме неколку пристапи. Се консултираме со професори, и тие прават анализи, и ние правиме анализи и Пазарниот инспекторат. Разговараме и со лаците маркети така што треба еден заеднички пристап, да не се гледаме како различни страни, туку треба холистички да го гледаме проблемот за да дојдеме до трајно решение, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција во Владата со министерот за локална самоуправа Златко Перински.


Според Мицкоски, многу поважно е да се види од каде се создава проблемот со зголемувањето на цените и тука да се реагира, наместо да се носат мерки на краток рок.

– Најголем дел од нашиот фокус е на базичната инфлација. Најлесно е да аплицираме мерка којашто на краток рок ќе даде резултат, но сега потемелно анлизираме за да видиме од каде се создава проблемот. Наш интерес како Влада е да имаме задоволни граѓани кои ќе имаат најниски цени во Европа, но прашањето е дали тоа во реалноста е можно. Ќе направиме се што е во наша моќ граѓаните, во рамки на нашите можности, да имаат најниски цени во Европа, но мораме да влеземе во базата, во основата, рече Мицкоски.

На 7 јули премиерот најави дека ќе се прави детална анализа на базичната инфлација по што ќе се излезе со прецизни и таргетирани мерки.

– Не сме среќни што ова се случува, но мора да направиме детална анализа во делот на базичната инфлација бидејќи разговарав со неколку економски професори и заклучокот е дека делот од производите кои ја креираат оваа инфлација можеби во односот добавувачи – маркети не е толку зголемено, колку во базичната инфлација и во делот на инфлацијата на услуги. Ќе има мерки многу скоро кои сакаме да бидат прецизни и таргетирани. Не сакаме да бидат мерки што ќе предизвикаат стихија, рече Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците на живот во јуни се зголемени за 4,5 проценти на годишно ниво, а цените на мало за 3,7 проценти.

Можете да прочитате

УЈП на средба со стопанствениците од Прилеп и со субјектите кои закупиле штандови за манифестацијата „ ПИВО-ФЕСТ 2025“

Дополнетиот ребаланс на Буџетот одобрен од Владата, оди на усвојување во Собранието

Одржана средба во Брисел за железничкиот Коридор 8