
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека до април ќе бидат набавени четириесет нови камиони за потребите на „Комунална хигиена“. Дел од возилата ќе се набават преку јавна набавка, за што се обезбедени средства во Буџетот на Градот, а друг дел преку проект на Светска банка.
– „Ќе ги набавиме до април во две фази (од една страна ние самите ќе направиме јавна набавка преку „Комунална хигиена“ за што одвоивме средства во буџетот, а од друга страна Министерството за транспорт преку Светска банка). Ова е веќе вест за градот, ќе набавиме камиони кои ќе штедат на гориво, на сервиси, кои ќе ги задоволат целосно потребите на скопјани,“ изјави вечерва Ѓорѓиевски за централниот дневник на телевизија „Сител“.
Градоначалникот потсети дека досега во „Комунална хигиена“ имало само 16 функционални камиони, а иако сега бројката изнесува околу 40 до 50, староста на возилата и честите дефекти влијаат на намалување на функционалните возила на дневна основа. Според него, состојбата со управувањето со ѓубрето во Скопје е значително подобрена во однос на минатото, но сепак постои мал процент на несовесни граѓани поради кои целото население страда.
Во последниот период, како што нагласи, се изречени стотици предупредувања и казни. До првата половина на следната година, Ѓорѓиевски очекува да се стабилизира и јавниот превоз со пристигнувањето на новите автобуси. Тој признава дека и понатаму има проблеми на одредени локации, но додава дека истите постепено се надминуваат. Понатаму објасни дека забавувањето на набавките за делови било еден од предизвиците со кои се соочиле од самиот старт.
– „Затоа имаше многу автобуси што беа нефункционални и многу камиони од „Комунална хигиена“ нефункционални,“ рече Ѓорѓиевски.


