
Топлото време со високи температури кои наместа ќе надминуваат 40 степени продолжува и денеска. Синоптичарите најавуваат промена на времето во недела кога се очекува пороен дожд и гржеми и опаѓање на дневната температура.

– До сабота (26.07) ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули. Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а дневната температура ќе биде во опаѓање, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
За денеска се очекува минималната температура да биде во интервал од 12 до 21, а максималната да достигне од 35 до 41 степен.
Во Скопје слично време со минимална температура до 21 и максимална до 41 степен.
Поради топлото време, Владата вчера излезе со препораки за заштита од топлото време. На работодавачите им се препорачува од денеска до сабота да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години, а се овозможува и работа од далечина и флексибилно и двократно работно време онаму каде што е изводливо.
Исто така се препорачува да се одложи работниот процес во периодот од 11 до 17 часот за оние работници кои се изложени на директна топлина.
Овие препораки не важат за вработените во критичната инфраструктура, како што се здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални претпријатија.
Истовремено, Министерството за здравство апелира населението да се придржува до постоечките препораки за самозаштита, а тоа се престојување во разладени простории, особено од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалоци, носење лесна и светла облека, користење заштита за глава и очи и избегнување физичка активност во најтоплите часови.
При симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш да се побара медицинска помош да се седи во разладени простории (до 25°C) на работното место и во домот.