Проблемот со неплаќачите на струја, кои го блокираа влезот на Слупчане да не може да пристапат екипите на ЕВН, за премиерот Димитар Ковачевски – е надминат. Тој денес во Свети Николе, откога ги подели клучевите за социјалните станови, одговарајќи на новинарско прашање за проблемот во Слупчане, рече дека дивите приклучоци ќе бидат исклучени, а оние што не плаќале, ќе мора да ја платат потрошената струја.
„Со оглед на тоа дека во посоченото место имаше проблем со наплатата и со диво приклучување на енергетската мрежа, компанијата, заедно со Министерството, а Министерството за економија е надлежна институција во делот на енергетиката, имаше разговори со градоначалникот на општина Липково (Слупчане се наоѓа во Липково). Според кажувањата и на компанијата и на градоначалникот, но и на самите жители, тој проблем е надминат. Ќе влезат екипите на ЕВН и првин ќе направат комплетен увид во тоа кој бил приклучен на диво. Ќе ги исклучат дивите приклучоци. Кој не ги плаќал сметките, ќе мора да ги плати и понатаму да се продолжи нормално како на територијата на целата држава“, рече премиерот Ковачевски.
Тој потсети дека неплаќачите на струја во Слупчане не се единствени.
„Такви места има повеќе, не се само Слупчане и Арачиново. Има и други места. Никој не е должен да му плаќа на некој друг електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.
Жителите на Слупчане, за да ги спречат екипите на ЕВН да влезат во селото да постават нов систем за мерење на потрошената струја, запалија гуми, а за смирување на состојбата се вмеша министерот за економија, Крешник Бектеши, кој заедно со градоначалникот на Липково даде гаранција дека екипите на ЕВН може безбедно да влезат во селото и да интервенираат.