
Во државната компанија за навигација во воздухопловството М-НАВ повторно излегоа на виделина контроверзни случувања поврзани со актуелниот директор, кој истовремено ја извршува и функцијата на претседател на синдикатот, а формално се води и како контролор на летање.
Според извори од компанијата, директорот на празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба се појавил на работа во улога на контролор на летање, со што си обезбедил двојна дневница поради празничниот ден.
Извори од М-НАВ посочуваат дека ваквото дејствување претставува класичен конфликт на интереси, бидејќи директорот не може истовремено да управува со институцијата, да биде синдикален претставник кој треба да ги штити правата на вработените, и во исто време да извршува оперативна функција од која сам си исплаќа додатоци.
Дел од вработените реагираат дека ова е очигледна злоупотреба на службената положба и на системот на исплата во компанијата. Според нив, ваквата пракса го нарушува интегритетот на институцијата и создава недоверба меѓу останатите вработени.
Редакцијата на 24инфо упати прашања до М-НАВ но засега нема потврда и официјален став за случајот.



