Од македонскиот дипломатски синдикат го обвинуваат министерот Бујар Османи за замајување на јавноста, како и играње со угледот на македонската дипломатија со неосновани и неумесни фалби, непознавање и неписменост.
„ Во своите континуирани заложби за самопромоција, министерот за надворешни работи Бујар Османи преку веб страната на МНР и неговиот Фејсбук налог, бомбастично пласира информација дека Македонија станала депозитар на три меѓународни договори склучени во рамки на Берлинскиот процес.
Таму во детали се опишува како „министерот за надворешни работи Бујар Османи ги примил трите договори…“, како „оригиналните документи беа предадени од страна на Сузане Шулц, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во германското МНР“, а самиот Османи во таа прилика изјавил дека доделената улога на депозитар „претставува потврда за конструктивната улога на Македонија во регионалните процеси и соработка, како и посветеност на државата за јакнење добрососедски односи, но и модел за изнаоѓање позитивни решенија за надминување на отворените прашања“ велат од синдикатот.
Како што додаваат од таму, депонирањето на договори во дипломатијата е целосно технички процес, дел од вкупната процедура на чување документи, пристапување или излегување од договори и по правило го спроведува оддел за меѓународно право во министерството. Поради тоа, од синдикатот велат дека се работи за евтино политикантство.
Исто така, велат дека ги загрижува трендот на елементарна јазична неписменост во кабинетот на Османи, на што и порано укажувале, а дека сега бил во подем.
„ Во англискиот превод на соопштените е напишано дека Македонија е “depositor“, наместо “depositary“. Веројатно кабинетот повторно ќе го брани Османи дека станува збор за „техничка грешка“, но проблемот е што разликата во двата термини е суштествена. Додека терминот depositary означува човек или ентитет на кого му е нешто доверено на чување, терминот “depositor” има токму спротивно значење и означува човек или ентитет кој што нешто доверува некому на чување. Во секојдневниот живот, зборот “depositor” или на македонски јазик „депонент“ најчесто означува човек што депонира односно внесува свој штеден влог во банка. Во никој случај не може да биде МНР кое зема обврска да ги чува договорите“ соопштија од Македонскиот дипломатски синдикат.