Утрински Весник
Македонија

„Дипломатски скандал, цинично, арогантно“ – бугарските пратеници лути на Ковачевски за споредбата на дискурсот на Бугарија со Русија

„Дипломатски скандал, цинично, арогантно“ – бугарските пратеници лути на Ковачевски за споредбата на дискурсот на Бугарија со Русија

Во бугарскиот парламент претставници на различни политички сили остро реагираа на вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој за време на самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, го спореди дискурсот на Бугарија кон Македонија со оној на Руската Федерација кон Украина.

dobivaj vesti na viber

Георг Георгиев од ГЕРБ – СДС и Павела Митева од ИТН го оценија за неприфатлив тонот и ја повикаа Бугарија на остра реакција.

„Не само циничен, туку би го нарекол и арогантен таквиот однос кон земја која во последните 30 години направи се што е можно да го подигне не само својот авторитет, туку и авторитетот на соседите. И ако денес, некако ,некој му дозволува да не’ споредува со Руската Федерација, тогаш треба многу сериозно да му обрнеме внимание и да му издадеме опомена. Но, ова предупредување, почитувани колеги, треба да биде насочено и кон нас самите“, рече Георгиев, пренесе „БНР“.

Митева за изјавата рече дека тоа е уште еден доказ оти бројните отстапки на дипломатската сцена не водат до посакуваните резултати. Ваков дипломатски скандал, вели Митева, би предизвикал барем незадоволство кај политичките субјекти во која било друга земја, но не и во Бугарија.

„Некои работи во животот и во политиката се непростливи. Се надевам дека бугарската дипломатија ќе покаже дека тие не се непоправливи“, рече таа.

Атанас Атанасов од ПП-ДБ на маргините на парламентот вниманието го насочи кон руските и српските тајни служби.

„Мораме да бидеме свесни дека во оваа комплицирана меѓународна ситуација, руските и српските агенти прават се’ што е потребно за да се забие клин во односите со ЕУ и, соодветно, да се спречи Северна Македонија да влезе во ЕУ, тоа треба да биде јасно“, рече тој.

На изјавата на Ковачевски реагираше и лидерката на БСП, Корнелија Нинова. Таа денес од бугарскиот парламент порача дека „се насобрале неприфатливи постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија.

„Времето потврди дека ние од БСП бевме во право што не го поддржавме францускиот предлог. Ова не е доволно. Веќе денеска на Советот на претседавачи ќе иницираме општа декларација на Националното собрание. Ќе апелираме до сите парламентарни претставници да го поддржат. На овој начин ќе изразиме дека не го прифаќаме овој став (на Ковачевски) и ќе инсистираме тоа да биде заеднички став на сите партии застапени во парламентот“, порача Нинова.

Таа додаде дека ваквиот третман од страна на македонските власти „е понижувачки, навредлив и неприфатлив“.

Ковачевски вчера кажа дека Бугарија се однесува кон Македонија исто како Русија кон Украина, додавајќи дека обвинувањата од Бугарија за непочитување на човековите права во Македонија се неосновани.

„Дискурсот што се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели, особено во овој клучен период за иднината на Европа. Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество, каде што се почитуваат сите права, а и сите извештаи го потврдуваат тоа“, рече Ковачевски.

Според него, обвинувањата кон Македонија доаѓаат од земја што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег