Македонскиот дипломатски синдикат реагира на висината на регресот, што вработените во МНР го добиле а изнесува 9.000 денари. Оттаму бараат одговор од министерот Османи по кој критериум се исплатени парите.
„ Принудени сме да се обратиме до јавноста, бидејќи министерот Османи продолжува со старата пракса на игнорирање на прашањата на вработените, искажувајќи целосно непочитување за нивниот интегритет и дигнитет.
Пред десетина дена МДС интерно упати прашање до министерот Османи на кој начин и по кој критериум во последните денови на минатата година беа исплатени 9.000 денари на име на К-15. Согласно законската регулатива и колективните договори, регресот К-15 треба да изнесува најмалку 40 проценти од просечниот личен доход во државата. Во септември и октомври минатата година, просечната плата изнесуваше повеќе од 32.500 денари, што значи дека требале да бидат најмалку 13.000 денари.
Јавно бараме одговор од министерот Османи зошто и со кое право МНР брцна во џебовите на вработените и од секој вработен одзема најмалку 4000 денари?
Кој ќе понесе одговорност за неовластеното одземање срества што им припаѓаат на вработените? Потсетуваме дека просечната плата во МНР последните десетини години не е сменета од 27.000 денари, која во меѓувреме инфлацијата ја има преполовено како куповна моќ“ појаснуваат од Синдикатот.