Утрински Весник
Македонија

Димовски за ЦИВИЛ МЕДИА: Неказнивоста на насилството во Собрание е мотивација за младите

Vlado Dimovski Foto A. Mehmeti Civil Jpg.webp.webp

„Ние немаме врсничко насилство само кај децата, ние имаме врсничко насилство и меѓу пратениците и тие се врсници едни со други како колеги, прво се напаѓаат вербално па се до физичко насилство. На одредени Комисии имало тепачки меѓу пратеници, имало нереди на собраниска говорница, имало нереди во собраниската сала итн. и сето тоа е видливо за граѓаните и за помладите. И од тука потекнуваат одредени работи, односно огледувајќи се на претставниците од највисокиот законодавен дом или во институциите на системот, тогаш младите посегнуваат по тоа и велат – зошто и ние не би го правеле тоа. Насилството во институциите никогаш не било казниво, единствено казниво беше влегувањето во парламентот на 27 април, и тука се казнети граѓаните, а не се казнети оние кои ги гледаат како насилници од кои земаат одредени примери“, вели Владо Димовски од невладината организација Центар за толеранција и доживотно учење, во интервју за ЦИВИЛ Медиа.

На прашањето каква порака се испраќа до младите со најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека осудените за 27 април ќе бидат ослободени доколу дојдат тие на власт и дали со тоа се испраќа порака до младите дека насилството е хероизам, тој вели дека таквите политички изјави и најави се мотивација за младите.

„Може да правиме што сакаме, ако нив (насилниците од 27 април) ги казнија со мали казни или ги ослободија, нас како малолетници нема воопшто ни да нè казнат, само ќе нè опоменат итн. Опомената за учениците и за родителите не е казна во денешно време. Опомената функционираше во едно минато време, односно срамот беше поголема казна отколку затворот. Сега нема срам кај родителите, сега дури и родителите ги поттикнуваат децата да прават насилство. Ние имавме случај во центарот на Скопје каде што неколку девојчиња тепаа едно девојче и таткото на едно од насилничките излезе со закупен билборд и бараше правда“, вели тој.

Тој нагласи дека граѓанските организации многу повеќе се заниваат со врсничкото насилство отколку институциите.

„Институциите се тука кога треба да казнуваат, ние како граѓански организации работиме на превенција и едукација“.

Димовски вели дека образовните институции, односно наставниците мора повеќе да посветат внимание во воспитувањето на децата, бидејќи како што вели: „Ние немаме лоши деца, имаме лоши родители кои праќаат невоспитани деца во училиште“.

Тој потенцира дека сајбер насилството зема сè поголем замав и дека од тоа се профитира.

„Сајбер насилството се комерцијализира, на Јутјуб постојат канали каде што се плаќа за да се гледа одредена содржина, и во такви канали децата снимаат, постираат и наплаќаат за некои да го гледаат насилството. И во нашата држава имаме примери каде што објавуваат насилство од училиште, од улица, од кафуле“, вели тој.

Димовски додава дека сајбер насилството е новина кај нас, меѓутоа апелира до институциите да реагираат и да го пресечат од корен уште на почетокот.

Извор: Цивилмедиа

Можете да прочитате

Димитриевски: Времето на етнизација и поделби по етнички клуч треба да биде минато, „Вреди“ собира евтини политички поени

Полициските хеликоптери фрлија над 110 тони вода врз пожарите во Старо Нагоричане и светиниколско

ВРЕДИ го брка ЗНАМ од Владата?