Утрински Весник
Македонија

Димовски: Не кријте се зад „државна тајна“, објавете ги документите

01092019 anb direktor dimovski 3.jpg

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, преку објава на „Фејсбук“ реагираше на сериозните обвинувања изнесени од премиерот и од актуелниот директор на АНБ, за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), како и бизнисмени и новинари.

„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ беше споменат периодот 2019–2024 година, во дел од кој јас ја извршував функцијата директор, одговорно тврдам дека тој, како лидер на тогашна опозициска партија во периодот 2019–2022 година, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата. Не бил предмет на организирана оперативна работа, ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки,“ напиша Димовски.


Тој прецизираше дека во наведениот период, согласно законските надлежности, во АНБ имало постапка за преиспитување на безбедносните сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање класифицирана информација, за што, како што вели, била поднесена кривична пријава до обвинителството.

„На мое барање, на дневен ред на собраниската Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и за изнесените наводи во медиумите,“ додава Димовски.

Тој упати и јавно барање до актуелниот директор на АНБ веднаш да ги декласифицира сите документи поврзани со наводните злоупотреби, особено оние кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата.

„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања. Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот ‘класифицирани информации’, особено по последните објави во некои ‘информирани медиуми’, кои лиферуваат конкретни имиња на лица што наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници,“ истакна Димовски.

Можете да прочитате

Забраната за движење во шумите се продолжува до 30 септември

Јавното обвинителство ги отфрла наводите за незаконско следење на комуникациите

МВР му поднесе кривична пријава на полицаецот што ја нападна Витина откако го фатија дека има див приклучок за вода!