
На Меѓународната конференција организирана од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада во Скопје, претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, учествуваше на панелот „Иновации во дигитализацијата на локално ниво – Пат кон одржлив развој”.

Во своето обраќање, Димитровски нагласи дека на дигиталната трансформација на општините не треба да се гледа како луксуз и трошок, туку неопходност за побрз, поедноставен и поефикасен живот на граѓаните.
„Општините треба да станат сервиси за граѓаните – достапни 24/7, без редици, без печати и без непотребна бирократија,” истакна тој.
Како најперспективни технологии за унапредување на локалната дигитализација, тој ги наведе:
- Вештачката интелигенција (AI) – за автоматизација на процеси, предвидување на потреби и подобра комуникација со граѓаните.
- Интернет на нештата (IoT) – за паметно управување со јавни услуги, како што се отпад, водоснабдување и урбана мобилност.
- Едукациски платформи – за континуирана обука на општинската администрација и информирање на граѓаните.
Тој посочи дека ИКТ секторот во Македонија, има знаење, капацитет и подготвеност да биде вистински партнер во оваа трансформација.
„Соработката со општините треба да излезе од рамката на тендерски односи и да прерасне во стратешко партнерство. Компаниите не треба да бидат само изведувачи, туку сојузници во креирањето на поефикасна јавна администрација,” додаде Димитровски.
Примерите од пракса, како дигитализацијата на наплатата на данок на имот во Град Скопје, покажуваат дека технолошките решенија носат и конкретни финансиски придобивки.
На конференцијата беше потенцирана и важноста на координацијата меѓу централната власт, општините и ИКТ секторот, при што беше нагласена улогата на ЗЕЛС како можен координативен центар за имплементација на унифицирани дигитални решенија на локално ниво.