Утрински Весник
Македонија

Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска

Ved 9385.jpg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Н.Е. Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.

Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји. 

Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој. 

„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,” истакна заменик-министерот Димитровски.

Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка.

Во поширок геоекономски и европски контекст, јакнењето на економските врски со Кралството Шведска – земја членка на Европската Унија и глобално препознаена по својата индустриска, технолошка и иновативна сила – претставува важен сегмент од стратешката определба на нашата земја за подлабока интеграција во европскиот економски простор и за отворање нови можности за соработка со скандинавските земји.

Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.

Преку организација на бизнис-форуми, деловни мисии, B2B средби и стратешки дијалози, Комората ќе овозможи директна поврзаност меѓу македонските и шведските компании, претприемачи и институции. Составот на нејзиниот управен одбор, со експерти од области како ИКТ, здравство, рударство и автомобилската индустрија, претставува силна основа за ефективно остварување на нејзината мисија.

“Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора,  испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи заменик министерот.

Можете да прочитате

МВР отвора шалтер за „Безбеден град“

Давчевски претседател на ГО, Лазов на ЦО на СДСМ

СДСМ оди на Конгрес на 24 јануари, се чека „амин“ од Централниот одбор