Сакав да излезам од комотната зона на градоначалник кој има уште половина мандат поради лошата ситуација во која се наоѓа народот и да влезам во трката за претседател на државата за да ги променам работите. Влегувам во трката за да победам, а не само да учествувам, порача вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од движењето За наша Македонија – ЗНАМ. -Позицијата ја прави човекот кој ја извршува функцијата, а не неговите ингеренции. За нас синтагмата „зборот е збор се уште значи“ и по тоа се разликуваме од другите, а тоа народот го препознава. Како претседател на Македонија нема да бидам послушник на законодавната и извршната власт, туку ќе ги спроведувам законите и нема да дозволам некој да ми кажува што да правам… Во оваа трка не влеговме да спасуваме никого, нашата агенда е јасна и немаме намера да бидеме привезок на ниту една власт. Без ЗНАМ нема да има Влада. Целиме на двоцифрена броја на парламентарните избори, а во најмала мера ќе имаме парламентарна група. На следните парламентарни избори по овие, кога и да бидат, ќе бидеме најмалку втора партија, посочи Димитриевски во интервју за ТВ Канал 5. Посочи дека земјава треба да влезе достоинствено во Европската Унија. Еден ден, како што кажа, секако ќе бидеме членка на ЕУ, а во меѓувреме треба да најдеме начин како да ја издигнеме нашата економија. Нашата успешност во интегративниот процес, додаде, ќе зависи од нашата дипломатија која треба да биде професионална, а не партиска. Во моментов како што кажа нема комуникација со ни една политичка партија. Нагласи дека ќе водат скромна кампања заради недостигот на средства. На изборите ќе настапат сами и така ќе го тераат целиот изборен процес и очекуваат голема поддршка од граѓаните. Смета дека претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори за да добие легитимитет, а не во Собранието заради неговата клучна улога во надворешната политика. Неопходните 10.000 потписи за кандидатурата за претседател на државата, како што кажа, ги собрал спонтано и најголем дел од нив во Куманово каде е актуелен градоначалник.