Утрински Весник
Македонија

 Димитриевски: Македонскиот народ и историјата не се предмет на компромис

513895413 1272986167520584 1714587886181814915 n.jpg

Максим Димитриевски, претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија се осврна на изборните реформи, односите со Бугарија и евроинтегративниот процес на државата.

Говорејќи за изборните реформи, Димитриевски посочи дека ЗНАМ предлага намалување на бројот на пратеници во парламентот, оценувајќи дека ваквата промена ќе придонесе за поефикасно функционирање на законодавниот дом, поголема одговорност на избраните претставници и рационализација на трошоците.


„Не постои рационална причина Македонија да има парламент со 120 пратеници кога и држави со слична големина имаат помал број. Намалувањето ќе значи појасна одговорност и поголема отчетност кон граѓаните“ – изјави Димитриевски.

Тој нагласи дека со ваквата реформа позицијата на пратеникот треба повторно да добие поголема тежина во политичкиот систем, а парламентот да ја врати својата улога како централна институција на демократијата. Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Димитриевски оцени дека одредени политики од Софија испраќаат загрижувачки сигнали и, како што рече, се во спротивност со европските вредности и принципи. Според него, прашањата поврзани со идентитетот и правата на Македонците не треба да останат само билатерален проблем, туку треба да бидат разгледани и на европско ниво.

„Недозволиво е во 21 век да се оспоруваат идентитетски прашања и да се создаваат пречки за демократско организирање на луѓето кои се идентификуваат како Македонци“ – истакна Димитриевски. Врзано за европската перспектива на државата, тој нагласи дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но без компромиси кога станува збор за националниот идентитет и достоинството на државата.

„Македонскиот јазик, идентитет, писмо и култура се автентични и имаат свој историски континуитет. Ние сакаме да бидеме дел од Европа, но без да се откажеме од самите себе.”

Тој додаде дека паралелно со евроинтеграциите, државата мора да продолжи со зајакнување на институциите и економскиот развој, посочувајќи дека европските вредности треба да се градат дома преку силни институции, економски напредок и почитување на националниот идентитет.

Можете да прочитате

Кражба во маркет во Тетово, полицијата трага по сторителот

ДУИ предлага ваучер од 3.000 денари за работниците кои работат надвор од местото на живеење

Тешко повреден пешак во Куманово