Утрински Весник
Македонија

Димитриевски ги повика противкандидатите на ТВ дуел, смета дека медиумската кампања не е еднаква за сите

Maksim.webp.webp

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска јавно ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова за, како што рече, да ги соочат пред граѓаните своите планови и програми.

Според Димитриевски, на телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно „оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите“.

Димитриевски, кој имаше средби со граѓани на Зелено пазарче, оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите.

– Сакам да упатам апел до сите мои противкандидати, првентствено до двајцата најфаворизирани од македонскиот и двајцата најфаворизирани од албанскиот политички блок, да не бегаат од дебата, да им дадат можност на граѓаните да ги слушнат плановите и визиите на сите нас, да кажеме што планираме да работиме од позиција на шеф на државата ако бидеме избрани. Барам од мојот противкандидат Стево Пендаровски да излезе на телевизиски дуел со мене и да ги соочи своите факти и аргументи. Исто така барам и Гордана Силјановска – Давкова да ги соочи арегументите со мене и со останатите противкандидати. Во спротивно, ќе сметам дека бегаат од јавна дебата зашто немаат што да им понудат на граѓаните. Во оваа држава, покрај партиските членства, живеат и други граѓани и имаат право да слушнат што идниот претседател планира  да изреализира од позицијата што ќе ја добие, истакна Димитриевски.

Граѓаните, дополни, не заслужуваат „ваква нетранспарентна, селективна и наменска кампања како што има во моментов“.

-Недозволиво е за претседателските кандидати кои се најфаворизирани во сите средства за јавно информирање, да бегаат од јавна дебата. Имам чувство дека оваа наменска кампања се води единствено за два кандидата кои се фаворизираат по секој основ и добро е за демократијата и за Македонија во целост, граѓаните да добијат можност да не видат и да не слушнат сите во исти услови, зашто целата кампања не е еднаква за сите. Ние, како претставници на граѓаните со граѓанска иницијатива или претставници на мали политички субјекти, сме незабележителни во делот на информиорањето, додека останатите кандидати се секојдневно присутни на сите медиуми во закупениот медиумски простор што го налага законот. Не сме еднакви, подвлече Димитриевски. 

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи