„Надлежните итно и најтранспарентно да ја информираат јавноста со колку средства располага пензискиот фонд. Недозволиво е за политичката елита седумдесет и осум проценти покачување на платите додека пак на пензионерите шест проценти. Доколку градиме праведна држава тогаш праведно е процентуално подеднакво покачување на приходите за сите. Да се намали на функционерите и подеднакво да се распредели на останатите“, бара градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Според него, барањата на пензионерите кои преку протестни собири бараат линеарно покачување на пензиите се реални и неопходни, истакнувајќи дека токму тие своевремено беа финансискиот столб во семејството, додека денеска се сведени на преживување и елементарна егзистенција на нивните семејства.
„Токму овие генерации на граѓани со лопата и крампа изградија се во државата и сведоци се како поединци во политиката разграбаа се! Нивните одбитоци за пензиско и инвалидско осигурување во минатото беа основа за создавање на пензискиот фонд, денеска тие не го користат ниту делумно тоа што го уплаќале тогаш. Нема потреба да донираме и да се рекламираме секој месец по социјални мрежи и медиуми, тие средства се граѓански и од буџетот на Македонија нека ги усогласат платите и распределат средствата со Закон“, порачува Димитриевски.