Утрински Весник
Македонија

Димитриевски ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ: Орце Ѓорѓиевски е добар избор за Скопје

513895413 1272986167520584 1714587886181814915 n.jpg

Градоначалникот на Куманово и претседател на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, денеска изрази целосна поддршка за кандидатурата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје. На прес-конференција одржана во Куманово, Димитриевски истакна дека актуелниот градоначалник на Кисела Вода е еден од најквалитетните градоначалници во државата и дека неговата кандидатура од страна на ВМРО-ДПМНЕ е добар избор за главниот град.

„Колегата Ѓорѓиевски е еден од најквалитетните градоначалници во Македонија. Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање дали кандидатурата е прифатлива за ЗНАМ.


Претседателот на ЗНАМ посочи дека неговата партија е во финална фаза на разговори со коалициските партнери, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настап на претстојните локални избори. Тој истакна дека ЗНАМ располага со кадри кои имаат личен углед и професионален капацитет, подготвени да понудат конкретни решенија за горливите локални проблеми на граѓаните.

„Сите кандидати на ЗНАМ ќе бидат предложени и поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со нашите коалициони партнери во Владата, со заемна поддршка на кандидатите. Во кои општини ќе биде тоа – ќе соопштиме во следниот период по завршување на преговорите“, рече тој.

Димитриевски најави и дека ЗНАМ ќе настапи самостојно со свои листи за советници, а дека веќе следува постапката за евидентирање и официјално кандидирање на кандидатите за градоначалници.

„Очекуваме ЗНАМ да има поголем број кандидати на територија на целата држава, не само во општини како Куманово и Центар“, додаде тој.

Можете да прочитате

Пенка Мукаетова именувана за нов потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

ЦУК преку СМС порака известува за кризната состојба прогласена за пожарите

Околу половина час се чека за влез во земјава на Табановце