Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски со видео обраќање упатува честитка до сите граѓани во пресрет на новогодишните и божикни празници. Во продолжение, неговото излагање во целост:
„Драги мои кумановки и кумановци,
Почитувани граѓани на Македонија,
Изминува една тешка година, година кризи во којашто ние како кумановчани успешно менаџиравме и реализиравме голем број на инфраструктурни, културни и други проекти во секојдневното општествено живеење.
Лошите моменти од 2022 година ќе ги оставиме зад нас, убавите ќе ги помниме сите.
Во претстојната 2023 година посакувам првенствено здравје, успех и среќа во секој дом, а ние во општината заедно со Вас ќе се обидеме да ја направиме уште поуспешна и нашиот град да го трансформираме во едно модерно и убаво место за живеење.
Заедно ќе ја отпочнеме со бесплатен автобуски превоз за сите кумановчани.
Дополнително, ќе имплементираме уште поголем број на инфраструктурни проекти кадешто акцент ќе дадеме на централното градско подрачје со реконструкција на малиот плоштад и дополнително ќе вложуваме и во приградските и во руралните населби на градот.
Нашата цел е 2023 година да биде година на преродба и година на нови успеси.
Ви посакувам на сите убави новогодишни и божикни празници, да внесеме хармонија во секој дом, да останеме сите заедно и да продолжиме сите заедно да работиме за нашиот град.
Среќна нова 2023 година!
Да сте ми живи и здрави!“