Утрински Весник
Економија

Димитриеска – Кочоска: Повластената стапка од 5% ДДВ за првиот промет на новоизградени станови останува непроменета и по 1 јануари

Kochoska.webp.webp

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, информира дека повластената стапка од 5% ДДВ за првиот промет на новоизградени станови ќе продолжи да важи и по 1 јануари, согласно предложените измени кои веќе се во владина процедура.

-Пред еден месец го изнесовме нашиот став, но беше потребно да се извршат дополнителни анализи и пазарни испитувања, не само во Македонија, туку и споредбено со другите земји. Врз основа на тие резултати, предложивме стапката од 5% да остане и натаму. Исто така ние сме во постапка на измена и дополнувања на целиот Закон за ДДВ каде што ќе предложиме одредени модалитети кои ќе се применуваат во иднина, истакна министерката во интервјуто за емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.

Таа потенцира дека во моментот не постојат услови за примена на повисока стапка, особено имајќи предвид дека дел од граѓаните веќе имаат платено авансни средства додека објектите се во градба.

-За да не биде оштетен ниту еден граѓанин, потребна е целосна и јасно утврдена постапка. Сега во моментот нема можност за такво нешто и затоа предложивме да продолжи да важи тој член кој вели дека повластената стапка од 5% ќе остане и понатаму , појасни Димитриеска-Кочоска.

Министерката додаде дека и во земјите со повисоки генерални стапки на ДДВ, даночното третирање на становите е пониско. При тоа, наведувајќи дека во Словенија, на пример, редовната стапка на ДДВ за станови е 9,5%.

Паралелно, како што најави министерката Димитриеска-Кочоска во Министерството за финансии се работи на сеопфатни законски измени во даночната регулатива, но дека нема да има промена на даночните стапки.

-Ги отвораме законите еден по еден. Прво данокот на добивка и персоналниот данок, а понатаму ќе бидат опфатени и останатите сегменти. Директивите ќе бидат наш приоритет врз основа на кои ќе ги усогласуваме законските измени. Во овој момент нема да има промена на даночните стапки, истакна министерката.

Можете да прочитате

Лукаревска: Не се знае колку ќе трае супсензијата на ИПАРД, а во буџетот се кратат 185 милиони денари за земјоделците

АЕК: До 12 јануари 2026 година продолжен рокот за конечна одлука за најповолен понудувач за трет мобилен оператор

Николовски: Не се исплатени субвенциите за овци, ниту за млекото, владата ги остави земјоделците на цедило