Владата несериозно пристапува кон кризата. Тоа се гледа од пакетот на мерки кои ги предлага, кои се обичен маркетиншки трик и не нудат реално и одржливо решение за клучните проблеми кои ги има државата. Овие мерки не нудат излез од енергетската криза која веќе преминува во финансиска и социјална криза. Овој пакет мерки не нуди решенија за инфлацијата, ниту пак за енергетската криза и како да се помогне на фирмите, кои имаат веќе исцрпена ликвидност. Овие мерки се само популистички мерки со кои се купува привиден мир за секој еден месец. Мал е износот на средства за мерките кои се насочени кон најранливите категории на граѓани односно вкупно 20,2 милиони евра. Но, овие мерки во вид на финансиска помош доаѓаат по високиот ценовен удар и силното осиромашување на населението заради неспособната, неподготвена и неозбилна Влада која ни ја води економијата и државата, вели Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, груба манипулација е дека новиот пакет на мерки тежи 360 милиони евра. „Исто како што немаа срам и манипулираа кога велеа дека даваат една милијарда помош за граѓаните и стопанството за време на КОВИД кризата, така и сега. Но, Државниот завод за ревизија за 2020 и за 2021 година направи ревизија на помошта и кажа дека таа била многу пати помала односно само 430 милиони евра, а истата во голем дел не завршила за мерки за КОВИД. Така и овој пат гласно кажуваат дека пакетот мерки чини 360 милиони евра, а вистината е дека е тежок едвај 30 милиони евра“.
Прашува, која е целта што како дел од пакетот мерки беа понудени мерки кои се регуларни, зарем не чувствуваат ни малку срам кога излегоа и кажаа дека повратот на ДДВ е понудена мерка и тоа во износ од 160 милиони евра? Кредитот кој што го земаат за поддршка на криминалите во ЕСМ во износ од 100 милиони евра го бројат како помош? Значи помош има за покривање на криминал, но нема помош за помош на граѓаните и стопанството.
„ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и државотворна партија ги става државните пред партиските интереси, не ја користиме кризата како поле за политичка пресметка, туку понудивме многу решенија со цел побезболно да ја поминеме истата“, додава таа.
Партијата според неа, редлага пет конкретни итни мерки кои треба да им помогнат на фирмите:
1. „Предлагаме вишоците на струја кои ги произведува АД ЕСМ, а кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за АД ЕСМ. Притоа под итно да се направат сите законски измени со цел компаниите да можат да ја користат оваа поволност во најкус можен рок. Ова ќе им овозможи на фирмите поевтина електрична енергија, и флексибилност во реорганизација на производниот процес.
2. Секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на струјата на регулираниот пазар на електрична енергија, односно која ќе плати над 200 евра за еден MWh електрична енергија, половина да го плати државата. Ова ќе им овозможи на фирмите намалување на трошокот за електрична енергија, со што, како и претходната мерка ќе се намали притисокот врз финалните цени односно на овој начин ќе се спречи понатамошно подгревање на инфлацијата.
3. Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, со цел поевтини производи за граѓаните. Ова ќе им овозможи на граѓаните да можат во текот на месецот да набавуваат поевтини основни прехранбени производи, да направат набавки за нареден период со цел да можат да го преживеат месецот. Оваа мерка треба да има подолг период на примена, се додека не се стабилизира инфлацијата кај основните прехранбени производи.
4. Интервенција во Законот за личен доход, преку предлог на измена во Законот за личен доход со кој и понатаму ќе останеме со низок и рамен данок. Ова ќе овозможи на примателите на личен доход по сите основи, повисок доход во услови кога истиот се намалува и на фирмите помал трошок.
5. Дестерилизирање на благајничките записи во Народната Банка со цел повеќе средства кај стопанството преку банките. Во услови кога растот на паричната маса во економијата значајно забавува, како што не бил од 2009-та година наваму, во услови кога компаниите имаат сериозни проблеми со ликвидноста, не треба централната банка да врши стерилизација на ликвидноста. Прегреаноста на економијата беше заради недисциплинираната фискална политика, несоодветните мерки за КОВИД кризата и ниските камати кои ја подгреваа личната потрошувачка“.
Очекуваме, дополни таа, Владата и Ковачевски сериозно да ги земат во предвид овие мерки.