
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на продолжението на својата 150. седница, ги објави конечните резултати од локалните избори за вкупно 44 општини, додека во 33 општини ќе се одржи втор круг на гласање на 2 ноември.
„Со денешната објава, на уште 11 општини им се приклучуваат оние 33 за кои во четвртокот беа објавени конечните резултати за избор на градоначалници, каде што изборите завршија во прв круг. Така, вкупно 44 општини веќе имаат избрани градоначалници во првиот круг, а преостануваат 33 општини кои ќе одат во втор круг на 2 ноември“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Во однос на изборот на членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје, Кондарко информира дека само во Општина Шуто Оризари ќе се повтори гласањето за советнички состав.
По гласањето одржано на 19 октомври и истекот на законските рокови за поднесување тужби до Управниот суд, ДИК ги објави конечните резултати за сите општини во кои не се поднесени приговори.
„Остана само една општина – Шуто Оризари, со три избирачки места каде што Управниот суд ги поништи резултатите. По направената симулација, утврдено е дека бројот на гласачи на овие избирачки места може да има влијание врз распределбата на советничките мандати. Затоа, гласањето во овие три избирачки места ќе се повтори на 2 ноември“, додаде Кондарко.



