Утрински Весник
Македонија

Деветти ден штрајк со глад, Јанков повторно хоспитализиран

Img 0324.jpeg

Дејан Јанков, сопруг на Злата од Свети Николе која исчезна на 16 јуни 2024 година, веќе деветти ден штрајкува со глад пред полициската станица во градот, барајќи одговори за судбината на неговата сопруга.

Тој за ВИКИМЕДИА изјавил дека денес повторно му се слошило, при што имал значително покачен крвен притисок, по што била повикана лекарска екипа. По укажаната медицинска помош во болница, каде примил терапија, по еден час бил пуштен и повторно се вратил пред полицијата, каде го продолжил штрајкот.


„Пред три дена, на шестиот ден од штрајкот, многу ми се слоши, почнав да се тресам. Брат ми, кој постојано е покрај мене, повика итна помош. Ме однесоа во болница, ми дадоа терапија и пак се вратив тука. Тешко е, има моменти кога почнувам да се губам, тоа се случи и денес. Повторно ми дадоа терапија за притисок и ме пуштија“, вели Јанков.

Тој нагласува дека нема да се повлече додека не добие конкретни одговори.

„Не мрдам од овде додека не дознаам каде е мојата сопруга, мајката на моите деца. Каде е Злата? Каде е нејзиниот телефон? Чие беше возилото што селани го виделе тој ден? Барам истрагата да почне од почеток и да се испита секој детал“, додава тој.

Јанков изразува и разочараност од институциите и од односот на јавноста.

„Од болница доаѓаат само ако брат ми ги повика. Наместо сами да вршат контрола секој ден, тие чекаат да паднам. Од полиција сум оставен како да сум невидлив. Нема телевизии, нема организации, никој не се интересира за оваа трагедија“, вели тој.

Тој апелира случајот да се тргне од „мртва точка“, да се ангажираат нови истражители и да се покаже грижа кон граѓаните.

„Што повеќе можам да направам како обичен човек, освен вака да барам одговори и да не дозволам Злата да биде заборавена“, вели Јанков, додавајќи дека ќе продолжи со штрајкот дури и по цена на сопствениот живот.

Злата исчезна среде бел ден од селото Орел, каде со сопругот имале викендичка и се занимавале со земјоделие, откако тргнала кон својот дом во Свети Николе.

Можете да прочитате

Радио Слободна Европа го гаси македонскиот сервис по 25 години работа

Каранфилова Пановска: Владината мерка за горивата е фрлање песок во очите на граѓаните

Пекевски: 950 евра минимална во Словенија, а храната поевтина од Македонија