Утрински Весник
Македонија

Детската клиника Скопје доби сертификат за квалитет во работењето од надворешни оценувачи

20240617084100 Big 730x400 90.webp.webp

Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести во Скопје, успешно го заврши процесот за акредитација за стандарди и критериуми за квалитет на здравствена дејност, со што се стекна со сертификат со важност од три години, информираат денеска од установата.

Како што појаснуваат, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи (АКАЗУМ), на крајот на минатата недела го доделила сертификатот за акредитација на медицинскиот директор Валентина Цвејоска Чолаковска и на организацискиот директор Аркин Јахији, како и на членовите на тимот на Клиниката.

Цвејоска Чолаковска во писмената изјава појаснува дека ова е трета акредитација по ред на клиниката, инаку втора со период на важност од три години.

Со ова, нашата клиника го потврди и го докажа унапредувањето на квалитетот на своето работење, создавајќи што е можно подобри услови, процеси и процедури во насока на третманот на детското здравје и на организацијата на медицинските услуги. Изразувам огромна благодарност до сите вработени кои максимално, посветено и професионално работеа сите овие години да стигнеме до оваа цел, особено до членовите на тимовите и Комисијата за унапредување на квалитетот на здравствената дејност, наведува Цвејоска Чолаковска.

Детската клиника беше меѓу првите три акредитирани здравствени установи во државата, се додава во соопштението, откако пред десет години започна процесот на акредитација за квалитет на здравствени услуги преку АКАЗУМ.

Постапката за надворешно оценување на Детската клиника била спроведена од експертски тим – овластени надворешни оценувачи, назначени од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи и тоа било реализирано во текот на втората половина на мај годинава.

Надворешното оценување претставува најважен дел од процесот на акредитација на здравствената установа, се истакнува во соопштението на Детската клиника.

Можете да прочитате

АКТУЕЛНА МЕТЕО НАЈАВА И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Од денес па се до петок чести врнежи, грмежи, силен ветер и силно невреме во Македонија

Зголемување на капацитетите на полицијата, судовите и обвинителствата за борба против загадувањето на животната средина

Собрани над 300 тони отпад од над 18.000 волонтери во Generalka weekend 2024 – најмасовна еко-акција во државата