Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од градоначалничката на Скопје, велат дека e деструктивна и криминална до коска.
Според партијата на Мицкоски, неспособноста на Арсовска беше закана за масовна зараза во Скопје, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и го чистеа ѓубрето.
„Со денови не се собира ѓубрето во Скопје поради неспособноста на Арсовска и градската власт. Вчера во текот вечерта и доцна во ноќта екипи формирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со екипи и механизација од градови од внатрешноста помогнаа значаен дел од ѓубрето наталожено со денови да се исчисти од улиците. Но неспособноста и примитивизмот на Арсовска немаат граница, а тоа се виде кога нејзиниот директор во ЈП Дрисла одбиваше да го прими ѓубрето однесено со камиони“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Фрустрациите на Арсовска, како што оценуваат, одат до таму, што не само е неспособна, туку неможе да се носи со фактот што градочалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои управуваат со далеку помали системи на локална организација успеаја да го решат проблемот кој таа го создаде.
Додаваат дека за фрустрациите и другите состојби на Арсовска не можат да и помогнат.
„За тоа има други институции, но за Скопје е најдобро да си даде оставка, и тоа што побрзо“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.