Утрински Весник
Свет

Денеска ќе се одржи средбата Трамп – Путин

Tramp Putin1.jpg

Американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, денеска ќе се состанат во Алјаска, најголемата и најоддалечена американска федерална држава, за да дискутираат за ставање крај на војната во Украина.

Средбата е предвидена во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, на приближно 10 километри од Енкориџ, за која Си-Ен-Ен тврди дека е единствената во Алјаска што ги исполнува безбедносните услови.


Почетокот на самитот, кој многумина го сметаат за историски, е објавен за 11:30 часот по локално време, односно 21:30 часот по централноевропско време. Како што изјави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, тој ќе биде целосно координиран и ќе започне со разговор во четири очи, по што ќе следи проширен состанок со присуство на делегации. “Преговорите ќе продолжат за време на работниот појадок.”

Централна тема е украинската криза, но и економската соработка меѓу Москва и Вашингтон, изјави Ушаков, додавајќи дека времетраењето на состанокот не е прецизно определено и ќе зависи од текот на разговорите. Тој, исто така, напомена дека секоја делегација ќе брои пет члена.

Членови на руската делегација ќе бидат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев, како и Ушаков, објавија руските медиуми. Тие додадоа дека по состанокот е планирана заедничка прес-конференција, доколку разговорите го дозволат тоа.

Од друга страна, Белата куќа објави дека Трамп има намера да се фокусира исклучиво на завршување на војната во Украина, ставајќи ги на страна другите прашања, за кои Москва рече дека би можеле да се дискутираат во друго време. Трамп, пред два дена, по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, вети “многу тешки последици” за Путин и Русија доколку не се согласи за запирање на војната.

Во медиумите се појавија и деталите од руската мировна понуда, наводно испратена до американскиот претседателски претставник Стив Виткоф пред брзиот договор за самитот во Алјаска. Во основа, предлозите опфаќаат отстапување на територии во регионот Донбас во источна Украина од страна на Киев, за што возвратно ќе следи согласност за примирје, што украинското раководство категорично го отфрли.

Меѓутоа, на Трамп, се чини, му се допадна идејата за размена на територија за мир, изјавувајќи во понеделникот дека и Украина и Русија ќе мора да отстапат дел од територијата една на друга за да се стави крај на војната и дека “во првите две минути ќе знаат дали е можен напредок”. “Ќе има размена на територии. Го знам тоа од разговорите со Русија и другите страни, и тоа е во интерес на Украина”, рече тој.

Британскиот „Телеграф“ објави дека Трамп би можел да му понуди на Путин пристап до ретки минерали за да го охрабри да ја заврши војната во Украина. Според весникот, на состанокот би можело да се разговара за отворањето на природните ресурси на Алјаска за Москва и укинувањето на дел од американските санкции врз руската авиоиндустрија. Американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, наводно ги анализира економските отстапки што САД можат да ѝ ги понудат на Русија за да го забрзаат договорот за прекин на огнот.

Можете да прочитате

Русија и Украина разменија нова група воени заробеници

Песков: Не е планирана заедничка декларација по средбата Путин-Трамп

Телата на четворица мажи пронајдени во водите на Сена крај Париз