Утрински Весник
Македонија

Денес и утре во Скопје лидерска средба ЕУ – Западен Балкан

Zapaden Balkan.jpg

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денес и утре ќе ја посети нашата држава.

За време на нејзиниот престој, таа ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски, а исто така ќе учествува и на лидерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан, кој во текот на следните два дена ќе се одржи во Скопје, а на кој ќе се дискутира за Планот за раст.


За денес попладне е закажана тет-а-тет средба на еврокомесарката Кос со премиерот Мицкоски, по што ќе следи и билатерална средба со останатите делегации.

На лидерската средба е најавено присуство на лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.

Утре, во склоп на лидерската средба, ќе се одржат два панели, од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан, а на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.

Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за имплементација на Планот за раст.

Посетата на еврокомесарката за проширување на нашата земја беше најавена минатата недела од страна на Европската комисија, која соопшти дека Кос доаѓа во Скопје на состанок со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека, покрај премиерот Мицкоски, на средбата ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

Поради одржувањето на лидерската средба, овие два дена во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје.

Можете да прочитате

СДСМ: Хаос на Онкологија, пациентите со рак на бели дробови власта повторно ги остави без терапија

(Видео) Глисер експлодираше во близина на пристаниште во Охрид

Џез концерт на триото на Георги Шаревски на „Скопско лето“