Утрински Весник
Македонија

Демократијата не е само гласање, предусловите ја детерминираат нејзината суштина

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Во една од моите претходни колумни општеството го разгледував како жив организам – систем во кој секоја „клетка“ има функција, а здравјето зависи од рамнотежата и одговорноста на сите негови делови. Во оваа колумна ќе се обидам да ја разгледам демократијата не како формален чин, туку како процес што се одразува на нивото на зрелост, слобода и сигурност на граѓаните.


Најчесто демократијата ја сведуваме на едноставен математички израз: мнозинство, „еден човек – еден глас“. Во математиката, единицата е унифицирана и неутрална. Но во општеството, гласот не е апстрактна бројка – зад него стои човек со знаење, стравови, интереси, надежи и зависности.

Ако демократското вреднување го сведеме на чист квантитет, без да ги земеме предвид условите во кои се формира тој глас, ризикуваме да ја задржиме формата, а да ја изгубиме суштината. Демократијата често ја доживуваме како чин – изборен ден, заокружување број, формална процедура. Но демократијата е процес.

Процес во кој граѓаните треба да бидат економски независни, правно заштитени, безбедни, рамноправни и доволно сигурни за да го кажат своето мислење без страв од последици. Без тие предуслови, гласот можеби е слободен на хартија, но не е суштински слободен.

Во жив организам, клетка која нема енергија не може да придонесе за здравјето на целината. Во демократски систем, граѓанин кој е зависен, заплашен или економски условен тешко може да донесе независна одлука. Затоа вистинската демократија не започнува со гласањето, туку со создавање услови гласот да биде автентичен.

Во таа смисла, клучна улога имаат институциите. Тие не се само механизам што ги спроведува правилата, туку и гаранција дека граѓанинот може да живее и одлучува без притисок. Кога институциите функционираат правично и предвидливо, граѓанинот добива чувство дека неговиот глас има тежина. Кога институциите се слаби или зависни, довербата се губи, а со неа и вистинската смисла на демократското учество.

Во спротивно, демократијата лесно може да се претвори во нешто што наликува на хумористична сцена во која некој вели: „Ајде да се договориме да биде како што јас ќе кажам.“ Формално има договор, формално има мнозинство, формално има процедура. Но суштината е однапред определена.

Токму тука е разликата меѓу формална и функционална демократија. Првата брои гласови. Втората создава услови тие гласови да бидат слободни, информирани и одговорни. Какви се предусловите – таква е и демократијата. Без предуслови, демократијата е процедура; со предуслови, таа е вредност. Демократијата не ги создава предусловите – таа само го покажува нивото на слобода, сигурност и зрелост што веќе постои во општеството.

Затоа демократијата не е само прашање на политички систем, туку и на култура на одговорност. Таа се гради преку домашно воспитување, образование, преку почитување на правилата и преку свеста дека слободата не е само право, туку и обврска. Колку повеќе општеството ја негува таа култура, толку повеќе демократијата престанува да биде формална процедура и станува начин на заедничко живеење.

Демократијата не живее во бројките, туку во дијалогот. Ако ова размислување предизвика согласување, несогласување или нов предлог – тогаш процесот веќе започнал.

Ставот не е догма, туку понуда за дијалог. Кога го изложуваме на јавноста, ние не бараме потврда – туку проверка.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

63 бели столчиња и 63 бели рози: Кочани се поклонува пред жртвите од „Пулс“

Телефонски разговор на Муцунски со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа

Викендов 1198 сообраќајни прекршоци, уапсени 42 лица за безобѕирно управување на возило