Deeper underground festival, кој требаше да се одржи во Охрид се сели во Скопје, соопштија од Авалон Продукција.
Фестивалот ќе се одржи на 15 и 16 август на просторот на А1 арената на отворено, а настапот на Meduza е откажан.
„Историски тешки времиња бараат историски напори, но се надеваме дека сето тоа ќе резултира со навистина историски успешен настан во ова неверојатно тешко време. Па, ве известуваме дека од логистички причини: избегнување на гужви, паркинг и можност за 100% спроведување на протоколите, Авалон Продукција заедно со менаџментот и артистите на фестивалот, одлучи Скопје да биде домаќин на првото издание на Deeper underground festival кој ќе се одржи на просторот на А1 арената на отворено“, соопштија од продукцијата.
Организаторите, исто така, соопштија дека наместо три, фестивалот ќе трае два дена.
„За жал, наместо тридневен фестивал, ќе имаме настан што ќе трае два дена од следнава причина. Имено, поради редуцираните авионски линии за Македонија и околината, како и моменталната состојба со коронавирусот во нивната држава, Италија, не сме во можност да обезбедиме 100 % сигурен транспорт за него и поради тоа, доаѓањето на Meduza во Македонија ќе остане за некоја друга и подобра прилика“, велат од Авалон Продукција.
Пионерите на dnb сцената RONI SIZE & LTJ BUKEM со Dynamite MC ќе настапат на 15 август, а ARTBAT на 16 август.
Цената на дневните билети останува иста- 1.200 денари, а сега блок влезницата за двата фестивалски дена изнесува 1.500 денари и истите може да ги набавите онлајн на avalon.mk, Avalon music & ticket store и преку продажната мрежа на Авалон низ Македонија.
Оние што имаат купено влезници само за Meduza и не сакаат да присуствуваат на Deeper underground festival, средствата ќе може да ги рефундираат од оние продажни места од каде што ги имаат купено билетите.
Во продажба се само 3.000 влезници по вечер, а согласно протоколите за превенција од Ковид 19, капацитетот на просторот кај А1 Арената за овој настан ќе биде адаптиран на 20% од вкупниот кој е за 15.000 посетители.