Утрински Весник
Свет

Де Вевер: ЕУ не може да бара од Белгија да го направи невозможното

Belgija.webp.webp

Подготвени сме да направиме жртви, но не може од оваа земја да се бара да го направи невозможното, порача белгискиот премиер Барт де Вевер во обраќањето пред Федералниот парламент во Брисел за време на дебатата за предлогот на Еврокомисијата за користење на замрзнатите руски средства за исплата на финансиска помош на Украина, на што се противи Белгија.

– Ние не поставуваме неразумни барања. Белгија никогаш нема да се согласи сама да ги сноси ризиците од таквата постапка, изјави Де Вевер, поздравен со аплауз од белгиските пратеници.

Де Вевер нагласи дека, иако новите предлози на Европската комисија „еволуираа во корист на Белгија“ во однос на првичниот план, сепак тие сè уште не ги исполнуваат „ниту минималните услови“ на кои инсистира белгиската Влада.

Белгискиот премиер во обраќањето се наврати на, како што рече, ризиците што планот за „конфискација на руските средства“ би ги претставува не само за Белгија, туку и за целата Европска Унија.

Планот на ЕК за т.н. „заем за репарации“ предвидува користење на замрзнатите руски средства за исплата на 140 милијарди евра на Украина за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година.

Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства, односно речиси 180 милијарди евра, се противи на ваквиот план, тврдејќи дека нивното користење би можело да го наруши нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства. Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка и бара цврсти гаранции од други земји членки на ЕУ дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да ѝ се вратат на Русија.

Де Вевер во обраќањето изрази загриженост и дека е можно евентуалниот надомест за, како што ја нарече, „нелегалната експропријација“ на руските средства, да ја надмине нивната вкупна вредност.

Тој ги отфрли сугестиите дека е помалку проевропски или проукраински настроен поради тоа што „изразува загриженост“ во врска со планот, потенцирајќи дека Белгија го манифестирала својот „конструктивен“ пристап и со алтернативните предлози што ги изнесе за обезбедување на средствата за помош на Украина.

– Ние сме лојални Европејци. Лојално ја поддржуваме Украина. Секогаш ќе избираме мир, слобода и демократија, порача Де Вевер.

Можете да прочитате

САД ја продолжија лиценцата за меѓународни операции на Лукоил до 2026

Намалување на ограничувањата за извоз на оружје во Швајцарија

Европејците го гледаат Трамп како непријател и се загрижени за војна со Русија