Утрински Весник
Македонија

Давкова во официјална посета на Република Азербејџан 

Siljanovska D Manu 1.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во официјална посета на Република Азербејџан, каде се предвидени средби со државниот врв на Азербејџан и учество на 12. Глобален форум во Баку.

Утре, 11 март 2025 година, вторник, во Баку претседателката Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести ќе биде примена од претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алијев.


Предвидено е двајцата претседатели да остварат тет-а-тет средба, по што ќе следи пленарен состанок на двете делегации. Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Во рамки на официјалната посета на Република Азербејџан, претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари средби со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова и со премиерот, Али Асадов.

Предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи предавање пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку.

За време на посетата на Азербејџан, претседателката ќе учествува на 12. Глобален форум во Баку, насловен „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности”, што во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави” ќе се одржи од 13 до 15 март во Баку.

Претседателката Сиљановска-Давкова ќе се обрати на свеченото отворање на форумот, а ќе има и свое обраќање на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус”.

Според најавите, на форумот е предвидено присуство на околу 400 учесници – актуелни и поранешни шефови на држави и влади, претставници на меѓународни организации и на граѓанското општество.

Можете да прочитате

Најверојатно утре на владина седница ќе се најдат измените на Законот за медиуми за регулација на интернет-порталите, најави Андоновски

Милошоски: Нашите позиции во однос на САД и ЕУ се слични со оние на Орбан

И Васко Ковачевски и други 10 лица опфатени со денешната истрага за нелегална набавка на деривати