Утрински Весник
Македонија

Давкова по повод 8 Септември: Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука

Davkova 2.webp.webp

Честитка од претседателката СиљановскаДавкова по повод 8 Септември – Денот на независноста

Почитувани граѓани,


На 8 Септември 1991 година, легално и легитимно, врз основа на неотуѓивото и непотрошно право на самоопределување на секој народ, на референдумот за самостојна и независна Македонија излегоа 75,74% од електоратот, а „за” гласаа  72,16% од запишаните!  

Така, ние, македонските граѓани, ја крунисавме вековната борба на илинденците и партизаните со унитарна, независна и самостојна држава!  

Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија.

Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со  референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право.

Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит.   

Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми.

Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги.

Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно.  Само во европски амбиент се креира европска иднина!

На крајот, не сум се откажала и никогаш нема да се откажам од македонските национални интереси. Мора да продолжиме да ги реафирмираме и да се бориме за нив дома и надвор, во европските и меѓународни институции, на правен и политички, демократски начин, потсетувајќи се и повикувајќи се на националното и меѓународното право, на 8 Септември.

Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста!

Можете да прочитате

Мицкоски за прислушуваните материјали: Ме следеле мене, но и моите деца, одговорност мора да има

Започна увидот во опожарената фабрика во Виница

(Видео) Граѓаните одговараат, што славиме на 8 Септември