
Професорот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, смета дека судскиот процес за трагедијата во дискотеката во Кочани, каде досега се осомничени околу педесет лица, треба да се подели на неколку одделни обвиненија заради поголема ефикасност и правна извесност.
– Ако не се подели судскиот процес, со 50-60 обвинети, тоа ми личи на змиско око. Мора да се поделат обвинетите и во зависност од тоа кој дел го сториле, така да се води и судењето. Инаку, тоа ќе се развлекува со години, изјави Давитковски.
Тој предупредува дека ваквите обемни процеси често завршуваат со бесконечни одложувања, особено кога некој од адвокатите не се појави на рочиштето, што е честа појава во судската пракса во земјава.
– Имаме стотици примери на вакви големи случаи кои се влечат. Затоа очекувам дека обвиненијата ќе бидат поделени по сегменти – кој ќе одговара за давање лажни лиценци, кој за примање мито итн., додаде професорот.
Трагедијата во дискотеката во Кочани го потресе јавниот живот, а истрагата се води против повеќе десетици лица од различни институции и нивоа на одговорност.