
Данската премиерка Мете Фредериксен денеска потврди дека данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио за разговори за Гренланд следната недела, во услови на обид на САД да ја преземат контролата врз арктичкиот остров, објави ДПА.
„На раскрсница сме“, изјави Фредериксен, цитирана од националната новинска агенција Рицау, на конференцијата на нејзината Социјалдемократска партија. Таа не ја прецизираше локацијата или точното време на состанокот.
Рубио претходно изјави дека планира да се сретне со дански претставници следната недела откако Данска и Гренланд побараа разговори со американскиот дипломат.
Гренланд, со население од помалку од 57.000 жители, е во голема мера автономен, но формално е дел од Кралството Данска, кое е членка на НАТО.
Фредериксен предупреди дека ако САД се откажат од соработката во рамките на НАТО со заканување на сојузник, тогаш „сè е завршено“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во последните денови ја повтори својата долгогодишна желба да го „поседне“ Гренланд, а неговата администрација не ја исклучи можноста за употреба на воена сила за воспоставување контрола, наведувајќи ги безбедносните загрижености и заканите од Кина и Русија во регионот.
Шведска и Германија претходно ги критикуваа намерите на САД.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека светскиот поредок базиран на правила е под најсериозна закана во последните децении.
„Ние сме многу критични кон она што САД го прават и го направиле во Венецуела, што се однесува до меѓународното право. Уште покритични сме кон реториката против Гренланд и Данска“, рече тој на годишната конференција за безбедност во северна Шведска.
Во меѓувреме, германскиот вицепремиер и министер за финансии Ларс Клингбеил рече дека САД мора да го почитуваат меѓународното право и територијалниот суверенитет и дека за иднината на Гренланд треба да одлучат Гренланд и Данска.
„Само Данска и Гренланд можат да одлучат за иднината на Гренланд“, рече Клингбеил, кој ја предводи германската Социјалдемократска партија. Тој ги даде забелешките пред да замине за Вашингтон.
Принципите на меѓународното право, како што се почитувањето на територијалниот суверенитет и интегритет, важат за сите, „вклучувајќи ги и САД“, нагласи Клингбеил.
САД ги поканија министрите за финансии од неколку земји во Вашингтон на разговори за пристап до критични суровини. Клингбеил рече дека на состаноците ќе се разговара и за амбициите на САД за Гренланд.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано се закануваше дека ќе го земе Гренланд со сила.
„Мораме да го добиеме“, рече тој.
Тој го наведе стратешкото значење на островот и неодамнешното зголемување на руското и кинеското поморско присуство во регионот. Дипломатите од северноевропските земји, сепак, ги отфрлија тврдењата на Трамп за руски и кинески бродови во близина на Гренланд, објави денеска „Фајненшл тајмс“.
Во последните години нема знаци за руски или кинески бродови или подморници во областа на Гренланд, објави весникот, повикувајќи се на двајца високи дипломати со пристап до разузнавачките брифинзи на НАТО.
„Едноставно не е вистина дека Кинезите и Русите се таму. Ги видов разузнавачките информации. Нема бродови, нема подморници“, рече еден дипломат.
Базата на податоци за следење на бродови на Marinetraffic не покажува присуство на кинески или руски бродови во близина на Гренланд.
Парламентот на Гренланд доцна во петокот соопшти дека ќе свика седница за да разговара за неговиот одговор на заканите на САД за преземање контрола врз островот.


