
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ќе остане на функцијата до крајот на мандатот дури и да бидат изгласани измените на Законот за локална самоуправа пред почетокот на летото. Со измените ќе се предвиди законска можност за реферндумски отповик на градоначалник, ќе се воведе комунална полиција и ќе се овозможи зголемено учество на граѓаните во носењето на одлуки во локалната самоуправа. Министерот Перински објасни дека законот не може да се применува за веќе избраните градоначалници.
„Невозможно е законот да важи ретроактивно. Законот ќе важи за новите градоначалници кои ќе ги добијат мандатите после ноември. Не можеме ние да менуваме закони согласно персонални решенија и едноставно сакаме да ја подобриме ситуација и состојбата на локално ниво и сите оние чинители, сите кои се засегнати од ова законско решение да имаат поквалитетно и поиздржано решение“, рече министерот Перински пред денешната, четврта по ред дебата за измените на Законот за локална самоуправа.
Денешната дебата за измените на законот е последна, а министерот Перински очекува до летото целиот процес да биде завршен. Дебати за измена на Законот веќе се одржаа во Битола, Штип и Гостивар.
„Ние предвидуваме со процесот со предлог- измените да завршиме некаде до 30 март и веднаш потоа да влезат во собраниска процедура, нормално прво на владина седница треба да се усвојат, а потоа да влезат и во владина процедура. Некаде после 30 март ќе биде законот оперативен во насока на предлог- измени да се валидизираат од релевантните институции така да јас очекувам некаде до летото да се заврши целиот процес“, вели министерот Перински.
Александар Спасеновски, професот на Правниот факултет ангажиран како експерт за подготовка на предлог-измените рече дека со оглед на тоа што Законот произлегува од рамковниот договор и имајќи го предвид неговиот системски карактер, целта на УНДП, на Министерството и на експертите е да подготват законско решение кои што ќе биде прифатено од страна на најголемиот дел од пратениците во Собранието, кои ги претставуваат сите најважни, клучни политички партии.