Селекторот на фудбалската репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ, изненади со одлуката да не гласа во изборот за наградата на ФИФА. Селекторот откри зошто решил да го бојкотира изборо. Наградата за најдобар играч заврши кај Лионел Меси.
Далиќ одбил да гласа бидејќи смета дека во изборот биле застапени премалку хрватски репрезентативци. Тој образложи на што се темели неговото разочарување.
„Разочаран сум од односот на ФИФА кон хрватската репрезентација, верувам дека заслужуваме поголема почит од Светската фудбалска организација за резултатите што ги постигнавме во последните години. Ние сме единствената репрезентација која се најде меѓу четирите најдобри на светот на СП и во Лигата на нации.
Го шокиравме целиот свет со победата против најголемата светска репрезентација Бразил, а ние сме единствената селекција со два медали од последните две светски првенства, заедно со Французите. Ја победивме Франција во Париз, Данска во Копенхаген, ги исфрливме Бразил и Белгија од СП, на 23 натпревари по ЕП загубивме само два пати.
И покрај ова, погледнете ја листата од 14 кандидати за најдобар играч на светот – освен одличниот Модриќ, каде се Хрватите? Не би набројувал поединци од други земји бидејќи навистина имам голема почит кон секој играч и тренер, но немаше ли место за Матео Ковачиќ кој стана светски клупски шампион и одигра брилијантно на Светското првенство?
Немаше место за Гвардиол, кој според повеќето избори беше меѓу најдобрите 11 на Мундијалот и во Бундеслигата? Зарем Ливаковиќ не заслужи да биде меѓу петте кандидати за најдобар голман по се што направи на Мундијалот?
Меѓу петте предложени селектори кои многу ги ценам има и тројца селектори, но ниту еден не избори пласман на завршниот турнир од Лигата на нации и медал на Светското првенство. Со голема почит за успехот на Мароко и нивниот селектор, но Хрватска на два меча има нерешено и победа во борбата за бронзениот медал.
Да потсетиме, според бројките и впечатокот, Доминик заслужи да биде најдобар голман на Мундијалот, а Јошко најдобар млад играч на Мундијалот. Сето тоа го доживувам како недостаток на почит, што го доживеав и при изборот на термините на нашите натпревари, но и според критериумот на судење што го имавме за време на Светското првенство, особено во полуфиналниот натпревар.
Верувам дека нашата репрезентација со своите игри и со однесувањето на теренот и надвор од него заслужи поголема почит, истата почит што ја покажуваме кон противниците од натпревар во натпревар.
Ако англиските, бразилските, шпанските, германските или италијанските играчи и тренери постигнаа резултати како нас, ќе беа добро застапени на сите избори. Сакам повеќе почит за нас, за нашата репрезентација, за нашите играчи, па дури и за себе, бидејќи со два медали сме апсолутна светска сензација.
ФИФА треба повеќе да не промовира бидејќи покажавме дека една мала земја може да биде конкурентна на најголемите, што е најдобрата реклама за фудбалот во целиот свет.
Поради сето горенаведено решив годинава да не учествувам во изборот, но на сите победници од срце им честитам на заслужените награди, а особено на нашиот Лука на одличното четврто место, со фактот дека за мене тој е секогаш број еден“, изјави Далиќ.