Утрински Весник
Македонија

Дали новото Министерство за енергетика и рударство ќе ги воскресне рудниците на смртта?

Rudnici.webp.webp

Без многу помпа и без јавна расправа, доцна во ноќта беше усвоен Законот за организација и работата на органите од државната управа, системски закон за кој беше потребно двотретинско мнозинство. 

Станува збор за можеби најсериозната реформа во последните десеттина години имајќи предвид дека министерствата ќе се реорганизираат, а ќе се воведат и нови. 

Едно од нив ќе биде Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, сектори кои досега беа под надлежност на Министерството за економија. 

Предлагачот на законските измени, во конкретниот случај тоа беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски издвојува три причини за воведување на нови министерства, вкучително и она за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Прво, во моментов постојат нејаснотии при самата распределба на надлежности помеѓу министерствата, односно не постои јасна линија каде завршуваат ингеренциите на едно а каде започнуваат на друго министерство. Втора причина е што самата алокација на функции и нивното групирање во одредени органи не е рационално, односно постојат случаи каде повеќе несродни области се алоцирани во една институција. И трето, како дополнителен предизвик се јавува тоа што области кои во моментот се стратешки приоритети на државата, претставуваат клучни предизвици или се во фокусот на светската јавност не се соодветно пресликани во институционалната рамка на државата, туку се организациски единици во рамки на одредени министерства“ стои во озбразложението. 

Ќе воскреснат ли рудниците на смртта?

Но, ваквата реорганизација на министерствата кој помина „под радарот“ на широката јавност, отвори и одредени стравувања. 

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ и владејачкото мнозинство кои сметаат дека ова ќе влијае на подобрување на функцинирањето на државните органи, други политички но и граѓански претставници, со стравување гледаат на отворањето министерство за рударство и минерални суровини. 

На новото министерство со резерва се гледа кај луѓето од Југоисточниот дел од државата, каде со години се водеше и се води битка за стопирање на постапката за отворање рудници во струмичката и валандовската котлина. 

Политичката партија Левица е една од оние што во ова новоформирано министерство гледаат закана и повторно враќање на голема врата на најавените рудници за бакар и злато во Југоистокот.

„ВМРО-ДПМНЕ пред 2016 година, во еден ден потпиша 86 концесии за рудници од кои 22 за метални минерали и во тие концесии беше предвидено тие да се третираат со агресивни хемикалии. Концесиите најмногу беа на Југоистокот на Македонија. Евентуално, отворање на тие рудници за народот ќе значеше тотално уништување на животната средина. Огромни отровни хидро-јаловишта, а, буквално, целиот профит ќе си го собереа странските газди. Тоа резултираше со народен бунт, со блокади, со локални референдуми, со негативни мислења во локалните самоуправи и тоа сега засега е ефективно спречено. Голем дел од причината зошто е тоа така е сложеноста на процедурата која моментално е во Министерството за економија, па странците кои сакаа тука да прават пустош и на база на тој пустош да си прават мултимилионски профити, малку тешко се снаоѓаа во лавиринтите и ходниците на Министерството.

Со други зборови, сложеноста на процедурите и тоа што ова е под надлежност на Министерството за економија и е брана која делумно нè штити од овие рудници на смртта и е од народен интерес. Ама, наместо ова, ние сега имаме предлог – закон, во скратена постапка, кој предвидува едно цело ново специјално министерство за рударство и минерални суровини со цел да се олесни процедурата за овие рудници на смртта.” рече пратеникот од Левица Сашко Јанчев кога се носеа измените на ЗОРОДУ.

Засега, реакција нема од граѓанските иницијативи кои организираа протести и референдуми на локално ниво против отворањето на рудниците. 

Каде треба(ше) да има рудници?

Казандол (валандовско) и Иловица-Штука (струмичко) беа ударните локации за изградба на рудници за што владата предоводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година додели концесии.

По смена на власта, тогашната влада на Зоран Заев успеа трајно да го реши прашањето за рудникот во Казандол, истото го стори и за оној во Иловица-Штука но концесионерот Еуромакс сега се заканува со тужба пред судот за арбитража и најавува дека ќе бара милионска оштета.

Овие проекти го добија називот „Рудници на смртта“ затоа што се појавија информации дека јаловината ќе се третира на незбеден начин што може да претставува закана за здравјето на граѓаните, а дополнително, граѓаните од овие региони се противат што рудниците би се граделе на едни од најплодните површини землоделско земјиште во државата.

Можете да прочитате

Мицкоски во Собранието го достави предлогот за состав на нова влада

(Фото) Целосно изгоре автомобил на автопатот Скопје – Велес

Мицкоски: Подавам рака на СДСМ и на сите други партии за консензус за прашања од национално значење