Утрински Весник
Свет

Дали испраќањето европски сили во Украина е прв чекор кон создавање европска армија?

20260108103103 big 730x400 35.webp.webp

Европските сојузници се подготвени да испратат мултинационални сили, односно воен персонал од различни европски земји во Украина, на кои САД се подготвени да им понудат гаранции, иако, како што се наведува, тие гаранции засега остануваат нејасни.

Одлуката на лидерскиот состанок на Коалицијата на подготвени во вторникот во Париз за испраќање европски воени сили во Украина по постигнувањето веродостоен прекин на огнот, меѓу геополитичките експерти предизвикува дебата дали тоа е првиот чекор кон создавање европска армија, наведува белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ.

Во анализата на медиумот се посочува дека согласно одлуката, европските сојузници се подготвени да испратат мултинационални сили, односно воен персонал од различни европски земји во Украина, на кои САД се подготвени да им понудат гаранции, иако, како што се наведува, тие гаранции засега остануваат нејасни.

– Но, не се сите подготвени да помогнат. Италија и Полска не сакаат да испратат свои војници во Украина, а Германија поставуваат услови. Сепак, мнозинството од Коалицијата се чини дека се согласува оти европски војници се потребни долж линиите на фронтот за одржување на „мирот“. Ситните букви од договорот не се единствената тема на дебата меѓу сојузниците. Одлуката предизвикува возбуда и меѓу геополитичките експерти. Дали ова е првиот чекор кон европска армија или не? Секако изгледа така, смета ВРТ.

Според медиумот за да се разјасни оваа дилема, прво треба точно да се прецизира што би значело европска армија, идеја за која во Европа се дебатира со години.

– Накратко, таа би претставувала заеднички вооружени сили на европските земји, организирани и распоредени заедно, наместо секоја држава да ја користи само својата армија. Конкретно, ова би значело дека неколку земји од ЕУ ќе ги здружат своите војници, опрема и воен персонал, а одлуките за нивното распоредување ќе се донесуваат заеднички на европско ниво. Потоа, тие сили би можеле да бидат распоредена за одбрана, мировни мисии или кризни ситуации, се додава текстот.

Во него се пренесува и оценка на еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус, кој тврди дека во европската јавност постои интерес за создавање таква европска армија. Кубилиус се повикува на истражување од март 2025 година спроведено во девет земји членки на ЕУ, кое покажува дека мнозинството од нивните жители ја поддржуваат идејата за создавање европска армија.

Според анкетата, создавање европска армија поддржуваат 74 отсто од жителите на Белгија, 73 проценти на Шпанија, 69 отсто во Германија, 65 во Италија, 54 во Холандија и по 53 проценти во Франција и Данска. Помала поддршка од 50 проценти се бележи во Романија и во Полска, од 46, односно 37 отсто, но и таму процентот на оние што ја поддржуваат идејата за европска армија е поголем во однос на оние што се против или немаат став.

Но, со можноста за создавање европска армија не се согласува белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, според кога, таа идеја претставува мит.

– Секој што верува во европска армија, само сонува, изјави Франкен за белгискиот магазин „Хумо“ кон крајот од минатата година.

Со него се согласува и експертот за одбрана при бриселскиот Институт „Егмон“, Свен Бископ, кој смета дека дискусијата за европска армија е „практично мртва“.

– Нема причина зошто сега одеднаш би требало да се разгори дискусијата за европска армија. Покрај тоа, одлуката на Коалицијата на подготвените да стационира европски трупи во Украина е привремена операција, а не трајна интеграција како европска армија, изјави Бископ за ВРТ.

Според него, ваквиот потег е повеќе „европеизација на НАТО“, отколку чекор кон создавање европска армија.

– Го гледаме НАТО кое останува, но во него водечката улога ја има самата Европа, а не САД. Оттаму, класичната дискусија за европска армија е во голема мера мртва, смета Бископ.

Запрашан дали доколку дојде до конфликт со Русија, Европа би можела воено да се носи со руските сили, Бископ наведува дека рамнотежата на моќта „значително варира по домени“.

– На хартија, европските членки на НАТО можат да се споредат или дури и да ја надминат Русија во неколку домени, но таа предност не е автоматски остварлива во вистинска војна, вели експертот.

Според анализа на Францускиот институт за меѓународни односи (ИФРИ), кога станува збор за воените трошоци, битката е речиси изедначена, бидејќи Москва троши приближно исто колку и сите европски членки на НАТО заедно, но во делот на Копнените сили, Русија има јасна предност, бидејќи поседува повеќе персонал и оружје.

Во Военото воздухопловство предноста е на страната на Европа, која поседува повеќе борбени авиони, подобро обучени пилоти и технолошки понапредни системи, додека во делот на Морнарицата европските земји имаат квалитативна предност, со значително повеќе големи воени бродови, но руската подморничка флота претставува особено сериозна закана.

– Најголемото стратешко прашање останува нуклеарното одвраќање. Русија поседува огромен арсенал на нуклеарно оружје и експлицитно го смета за средство за доминација при ескалација. Европа во голема мера се потпира на американскиот нуклеарен чадор, дополнет со француските и британските нуклеарни сили, наведува ИФРИ, предупредувајќи дека слабеењето на американското учество би ја ставило Европа во опасна стратешка нерамнотежа.

Можете да прочитате

Иранскиот Ајатолах: Трамп ќе биде соборен како и другите арогантни деспоти

Масовен бунт во Иран – Илјадници на улиците, властите со жесток одговор

Трамп му се закани на Иран поради бруталноста кон демонстрантите