Утрински Весник
Свет

Дали двојните стандарди на Западот го поткопуваат светскиот поредок?

20240923125934 Big 730x400 48.webp.webp

„Каде и да одам, секаде се соочувам со обвинувања за двојни стандарди“, рече шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, во мај на Универзитетот Оксфорд.

Францускиот претседател Емануел Макрон на минатогодишната безбедносна конференција во Минхен рече: „Шокиран сум од тоа колку ја изгубивме довербата на Глобалниот југ“.

А германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, откако ја критикуваше состојбата со човековите права во Кина, од тогашниот кинески колега Чин Ганг го доби одговорот: „На Кина најмалку и треба учител од Запад“.

Од земјите на Глобалниот југ одамна пристигнуваат обвинувања дека Западот поддржува глобален поредок заснован на правила само кога тоа му одговара. Меѓутоа, неодамна овие обвинувања се засилија, особено по почетокот на војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Индија: Проблемите на Европа не се проблеми на целиот свет

Особено рускиот напад врз Украина ги принуди западните лидери да го претстават овој конфликт како борба за светскиот политички поредок: Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека победата на Русија „би можела да значи крај на меѓународниот поредок заснован на правила“. Одбраната на Украина е одбрана на принципите на тој поредок.

Меѓутоа, обидите на Западот за санкциите против Русија да ги придобие демократските земји од Глобалниот југ, кои вообичаено му се блиску, честопати пропаѓаа. Така беше со Индија, Бразил и Јужноафриканската Република. Сите овие земји продолжуваат да тргуваат со Русија, во некои случаи повеќе отколку пред војната, иако не сакаат тоа да биде сфатено како поддршка за рускиот напад врз Украина.

Зборувајќи за војната во Украина, индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џајшанкар рече дека Европејците очигледно веруваат дека „европските проблеми се проблеми на целиот свет, но проблемите на светот не се европски проблеми“.

И индонезискиот министер за одбрана Прабово Субианто Џојохадикусумо додаде дека, кога станува збор за залагање за мир, западните влади очигледно имаат „некои принципи за Украина, а други за Палестинците“.

Правила за сите или „различност на цивилизациите“?

Софи Ајзентраут, шефица на истражувачкиот оддел на Минхенската безбедносна конференција (MСЦ), во нејзиниот труд „Стандардна девијација – погледи на западните двојни стандарди и вредноста на меѓународните правила“ опишува растечки проблем за Западот: Во свет на зголемено геополитичко ривалство, западниот модел на поредок заснован на правила сè повеќе го губи кредибилитетот и тоа токму во моментот кога Западот ја губи својата релативна моќ.

Алтернативен модел нуди, на пример, Кина. Наместо глобално важечки правила, Кина зборува за „апсолутен суверенитет“, што значи немешање во внатрешните работи – и за почитување на „различноста на цивилизациите“.

Кина, како и Русија, го промовира овој алтернативен модел низ светот. Претседателот Владимир Путин на самитот со африканските влади минатото лето, околу година и пол по почетокот на војната, рече:

„Се појавува вистински мултиполарен светски поредок, а ерата во која владееше една земја или група земји е при крај“. Многу африкански влади овој став го дочекаа со раширени раце.

Распространето е мислењето дека постојниот поредок на меѓународни правила и институции, обликуван од Западот, првенствено му користи на самиот Запад, додека западните земји не се придржуваат до сопствените стандарди.

Тоа го потврдува истражувањето на МСЦ спроведено во девет густо населени земји од Глобалниот југ. Во исто време, истражувањето покажува дека многу луѓе во овој дел од светот сè уште веруваат во вредноста на постоечките меѓународни правила.

Критиките се често се оправдани

Софи Ајзентраут јасно истакнува: Критиката за западното лицемерие често е оправдана. Така, земјите од Глобалниот југ укажуваат, на пример, дека САД и другите западни земји инсистирале на принципот на територијален интегритет на Украина, но тие го игнорирале овој принцип за време на американската инвазија на Ирак во 2003 година.

Западните земји исто така ги прекршија човековите права при незаконски апсења во борбата против тероризмот. А Европејците соработуваа со северноафриканските автократи за да ја спречат миграцијата во Европа.

Сепак, Ајзентраут забележува дека критичарите од земји како Кина и Русија често ги користат овие обвинувања за да го релативизираат сопственото погрешно постапување. Или го оправдуваат надворешнополитичкиот пристап кој воопшто не се води од морални принципи, туку исклучиво од нивните сопствени, тесно сфатени интереси. Како последица на тоа, вредноста на универзалните правила се доведува во прашање низ целиот свет.

Свет без никакви правила би бил кошмар

Западните земји, според Софи Ајзентраут, се соочени со дилема: тие се плашат дека самокритичниот став кон нивната сопствена недоследност ќе биде во корист на нивните глобални ривали. Од друга страна, ако ги игнорираат критиките, со право ќе се сметаат за арогантни, што, како што еднаш рече претседателот Макрон на МСЦ, „поттикнува нов цинизам кој го уништува глобалниот поредок“.

Авторката препорачува три работи како одговор.

Прво, западните земји, се разбира, треба да ги намалат колку што е можно повеќе таквите противречности меѓу барањата и сопствените постапки.

Второ, тие треба да бидат поискрени за тоа каде „доследноста има свои граници“. Тоа исто така значи дека светот повеќе не го делиме на црно-бело, на државите кои ги почитуваат правилата и државите кои ги кршат правилата, затоа што постојат многу нијанси на сива. Комуникацијата вклучува и укажување дека автократските системи немаат отворена дебата за сопствените противречности ниту можност за поправање на грешките.

На крајот, Ајзентраут смета дека Западот треба да се соочи со она што критиките на западното лицемерие често го подразбираат, но не го кажуваат отворено: Имено, дека поредокот обележан со двојни стандарди не е подобар од поредокот без никакви стандарди. Не само западните земји, туку и многу земји од Глобалниот југ имаат многу да изгубат во свет без општоприфатени правила.

Дојче Веле

Можете да прочитате

Анкета: Повеќето Американци се задоволни од победата и потезите на Трамп при трансферот на власта

Пожар во фабрика за воена опрема во Русија

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија