Утрински Весник
Македонија

Дали ДУИ ќе бара пребројување на гласовите на секој приговор со новиот законик?

Dui.webp.webp

Иако донесувањето на изборниот законик секогаш било прашање на политички консензус, според информации до кои дојде нашиот медиум, ДУИ ќе го услови неговото усвојување со барање за контроверзна измена која отвора сериозни прашања како за транспарентноста на процесот, така и за самите намери зад барањето.

Според информации од интегративците, партијата ќе гласа против новиот изборен законик доколку не биде прифатено нивното барање: со закон да се обврзе отворање на гласачките кутии и пребројување на гласовите на секое избирачко место каде е поднесен приговор, независно дали тој приговор е усвоен од ДИК или не.


На прв поглед, барањето изгледа како уште една мерка за зголемување на транспарентноста. Но во суштина, ваков законски механизам би можел да доведе до хаотична, нефункционална ситуација каде илјадници кутии би се отворале и пребројувале по втор пат, само врз основа на поднесени, но евентуално неосновани приговори.

Прашање на доверба или тактика за блокада?

Ако законот дозволи автоматско отворање на кутии врз база на секој приговор, се отвора простор за координирано тактизирање, одложувања, па дури и опструкција на пребројувањето.

Практично, ова би значело дека секоја партија може да поднесе приговор за секое избирачко место – што во една општина би можело да значи стотици кутии, а на ниво на држава илјадници. Иако ДИК има технички капацитет за организација, самата логистика и безбедност околу отворањето и пребројувањето на секоја кутија е сериозен предизвик, кој може да ја одложи објавата на конечните резултати со денови, па и недели.

Кој има интерес од пролонгирање на процесот?

Прашањето кое се наметнува е: зошто ДУИ инсистира на механизам кој би можел драстично да го одложи објавувањето на резултатите? И дали зад овој маневар се крие друга стратегија која на јавноста не и е позната?

Одложено пребројување значи одложено прогласување победници. Во политички чувствителен контекст, тоа остава простор за манипулации, за мобилизација на притисоци и за контранаративи.

Од консензус до уцена?

Изборниот законик традиционално се носи со поширок политички консензус. Тоа е основата на легитимноста на изборниот процес и довербата кај граѓаните. Дополнително, законот се носи по распишување на изборите, што само по себе е проблематично од правен аспект, иако тоа сега не е централното прашање.

ДИК во сенка

Државната изборна комисија, која инсистира на нов, јасен и сеопфатен изборен законик, повторно е ставена во ситуација да имплементира закон што не ја олеснува, туку ја усложнува работата.

Наместо фокус на технички подобрувања, како дигитализација, обука на одбори, проверка на фингерпринт уреди, се враќаме на стариот терен на приговори и отворање кутии или компликување на процедирите и оспорувања.

Дали овие информации ќе се покажат како точни и дали и во која форма ДУИ ќе го поднесе амандманот, кое ќе биде образложението останува да видиме следните денови.

Можете да прочитате

Македонски Нетфликс: Филмовите на Мицкоски дека платите месечно  растат по 11, 12 и 13% се навреда за народот, велат од СДСМ

ВЛЕН: Европскиот фронт на ДУИ се распаѓа

Левица: Вработените без плати, Алиу без одговори – Кој ја „пере” пералната на Клинички