Утрински Весник
Македонија

Д-р Бошковска: Се чини дека грипот го достигнува својот пик, на Клиниката во Козле речиси комплетно е исполнет капацитетот, хоспитализирани се и доенчиња

Kozle.png

На Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле на дневно ниво амбулантски се прегледуваат и до 250 пациенти, а хоспитализирани се 90-ина деца, со што болничкиот капацитет е речиси комплетно исполнет. Хоспитализирани се пациентите со компликации од грип – дехидратација, пневмонии и бронхоопструкции. Неколку деца се и на кислородна поддршка со маска, а другите се стабилни. Има и доенчиња со RSV-бронхиолити, изјави за МИА директорката на Клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска.

Изминатата недела, посочува таа, се чини дека грипот го достигнува својот пик, а за ваквата состојба придонесоа и новогодишните и божиќните празници кога имаше интензивни дружења, претстави, приредби за децата во затворен простор.

Појаснува дека симптомите на грипот почнуваат обично нагло, со зголемена телесна температура, болка во грлото, болка во мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица.

Препорака за родителите во овој период, нагласува таа, е да се избегнуваат собири во затворен простор, да се одржува лична хигиена со често миење на рацете, да се прави дезинфекција на површините, во исхраната да има свежо овошје и зеленчук и да се престојува на чист воздух.

– При појава на симптоми на грип децата да не се носат во градинка, да се изолираат, да се одржува добра хидрација со зголемено внесување течности, да се даваат лекови за покачена температура и разладување. Ако симптомите траат повеќе од три до четири дена или прогресираат со појава на интензивна кашлица, забрзано или отежнато дишење, да се побара лекарска помош на матичен лекар или во дежурните педијатриски пунктови и доколку состојбата е сериозна и потребно е болничко лекување, секако да се упатат во нашата установа, додаде проф. д-р Бошковска.

Можете да прочитате

Работник падна од зграда во изградба во Дебар и почина на пат кон болница

Филипче: Техничката влада е единствената гаранција за чесни избори

Приведен 67-годишник од Валандово поради нелегално оружје и куршуми